Партиите во „војна“, се гаѓаат со „списоци за непотизам“

МНАВ, Министерството за одбрана и уште десетина институции објавија преку 700 огласи за работа што, според СДСМ, се предмет на вдомување исклучиво партиски подобни лица


Во пресрет на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ тргнаа во меѓусебни обвинувања кој повеже ја партизира државата и колку од партиски вработените се и јасни случаи на непотизам.
 
„Во државата на ДПМНЕ, нема институција која не е подложена на груба партизација пред изборите. МНАВ, Министерството за одбрана и уште десетина институции со преку 700 огласи за работа се предмет на вдомување исклучиво партиски подобни лица. Вакава груба партизација е незапаметена во историјата на државата. Стручни и квалитетни кандидати се отфрлаат секаде, а местата се полнат со партиски луѓе. Се партизира секоја позиција, па дури и личните асистенти за децата со посебни потреби.
 
ВМРО-ДПМНЕ ја уништува последната капка надеж кај младите дека може да се вработат според квалификации и знаење. Каде е министерот Минчев да излезе и да објасни како се професионализирала администрацијата? Администрацијата никогаш не била на посилен удар, не е ни чудо што лани преку 17.000 луѓе се иселиле. Оваа бројка секојдневно ќе расте. ВМРО-ДПМНЕ надежта ја претвори во очај.
Само ако се анализираат вработувањата во МНАВ, целата работа е јасна. Вработувањето на Атанас Стамнов, човек без никакво искуство во воздушниот сообраќај, е само почеток. Негова сопруга е Анита Стамнова, директор на Централниот регистар. Братот на претседателот на управниот одбор, Владимир Ристовски, кој е чист партиски кадар од Карпош, е унапреден.
Во Министерството за одбрана се случува уште поголема манипулација. Во конкурсот за 60 места за стручно оспособување на офицери, 74 кандидати успешно ја поминале селекцијата, но само 29 имиња се нашле во решението. Министерството за одбрана ја лаже јавноста тврдејќи дека тие кандидати ќе бидат пренасочени во “втора група” за курсисти, што е целосна манипулација.Нема да има втора група, туку нов оглас за нови кадри кои се подобни и кои ќе ги чуваат местата за нив.
Граѓаните треба да бидат свесни дека пораката на ВМРО-ДПМНЕ е јасна: нема место во оваа држава за чесните, работливи, оние кои вложувале во себе и својот развој. Единствениот пат до успехот е или преку партијата или преку граница. Токму ваквиот систем граѓаните се надеваа да се промени, но тој не само што не се промени, туку за прв пат се надгради до мера на уништување на целото општествено ткиво, обвинија со соопштение од СДСМ.
 
Од ВМРО-ДПМНЕ пак место да демантираат (ако имаат аргументи), посочија со прст кон СДСМ. Според власта, СДСМ, покрај ДУИ, е синоним за партиски вработувања по државни институции, а не тие, иако реално оваа појава ја измисли, надгради и унапреди  ВМРО-ДПМНЕ. Претходно вработувањата беа на роднинска линија. 
 
„Само за почеток може да се набројат десетици партиски вработувања, односно синови, ќерки, роднини, братучеди на функционери на СДС и ДУИ. Ветон Кадри, син на пратеничката Шпреса Кадри; Антонио Кочовски зет на тогаш првиот човек на СДС од Охрид, Лазе Танески, роднина на екс-министерот Горан Сугарески. 
 
Партиски вработувања на СДС и ДУИ и нивни блиски роднини се: за претседател на УО на М-НАВ беше поставен Николче Тасески, зет на екс-министерката Рената Дескоска. Таму е вработен и синот на Стевчо Јакимовски, вработена е и братучетка  на екс-министерката Јагода Шахпаска од СДС. Со СДС и ДУИ, М-НАВ беше претворена во дувло за партиски и роднински вработувања, зад коишто стои партискиот бандитизам.
 
Исто така Бујар Османи си ја вработи сестрата, Артан Груби- снаата; Ејуп Алими (експратеник на ДУИ) – две снаи и син; Беким Незири (притворен како предводник на групата тепачи) – внук.
 

Дополнително, да се потсетиме и на овие вработувања. Илјо Стојчевски – сопруг на пратеничката Мира Стојчевска, вработен во Шумска полиција – Делчево, Виктор Стојчевски – син на пратеничката Мира Стојчевска, вработен во ЕЛЕМ, Цветан Велевски – брат на пратеничката Мира Стојчевска, вработен во РЕК Битола, Бесија Џафери – ќерка на Талат Цафери, вработена во ЕЛЕМ, Надица Делкова – сопруга на градоначалникот на Општина Неготино Тони Делков, вработена во ООУ „Гоце Делчев“ – Долно Дисан, Кристијан Мисовски – син на пратеникот Горан Мисовски, вработен во Агенцијата за супервизија и осигурување, Фанија Костадинова – мајка на пратеникот Костадин Костадинов, вработена во ЦРМ – Струмица, Влора Бектеши – сестра на министерот за економија Крешник Бектеши, вработена во МЕПСО, Лила Пежевска – сопруга на градоначалникот на Општина Берово Звонко Пежевски, вработена во ООУ „Дедо Иљо Малешевски“, Марија Јосифовска – сестра на пратеникот Александар Кирацовски, вработена во ЦРМ, Борче Поповски – дедо на Александар Кирацовски, вработен во Фабрика за опрема и делови ФОД ДООЕЛ Новаци, АД ЕЛЕМ Скопје, Мери Поповска – баба на Александар Кирацовски, вработена во ДУД Мирка Гинова, Стојче Георгиев – син на пратеничката Милева Георгиева, вработен во МВР, Мерсида Рамчиловиќ – сопруга на пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, вработена во МВР, Цвете Станојкоска – внука на градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски, вработена во Општина Прилеп, Љубислава Несторовски – сопруга на Магдалена Несторовска, вработена во ЕЛЕМ.

Исто така, да потсетиме дека во нивно време, за да се влезе на работа во Министерството за одбрана, по социјални мрежи СДС повикуваше дека прво мора да поминат во општинскиот штаб и таму да се пријават за да влезат на конкурс и да добијат вработување.

Да не заборавиме дека минатата година пред формирање на техничката влада, СДС и ДУИ пуштија 2.200 вработувања предизборно, сакајќи да направат изборен поткуп. Затоа, пред СДС да „отвори уста’’ нека размисли дали има кредибилитет да говори. М-НАВ функционира професионално, се работи исклучиво по стандарди и прописи, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ иако изминатите недели јавноста виде на дело како изгледаат тие „стандарди“.

темата за непотизмот е нон стоп актуелна, но и покрај ваквите меѓусебни обвинувања, ништо не се менува на тој план и тие се претвораат само во предизборна реторика, што се гледа од илустрираните фотографии.