Партиите најавуваат позитивни кампањи за локалните избори, но веќе почнаа со меѓусебни обвинувања
Изборната кампања за локалните избори на 17 октомври започнува на 27 септември, но партиите веќе почнаа со меѓусебни обвинувања и повици за позитивна кампања. До 9 септември тече рокот за увид во Избирачкиот список, во подрачните и канцеларии на ДИК и електронски, преку веб страницата на Комисијата. Се очекува викендов да пристигнат и првите 200 терминали за вчитување на отпечатоци од прсти на гласачите, што првпат треба да се применат на овие избори.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека неговата партија за локалните избори ќе води позитивна кампања, посочувајќи дека доколку другите учесници на изборите планираат валкана кампања тоа ќе биде нивен избор.
-ВМРО – ДПМНЕ нема да води валкана изборна кампања бидејќи цениме дека граѓаните се исклучително изморени од калта која што ја содржи ова наше политичко мочуриште. Граѓаните сакаат да слушнат надеж и решенија за нивните проблеми. Доколку некој од другите учениците на изборите планирана да води валкана кампања, односно со ниски страсти со многу навреди и со многу лоши работи, тогаш тоа е нивна одлука, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на Политичата академија со Конрад Аденауер.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ сакаме да се претстави во што подобро светло пред граѓаните со проекти, со визија, со стратегија, со реформи, борба против криминалот и корупцијата.
– Тоа е нашата цел на овие избори да ги одмориме граѓаните од нашата глупавост во ова политичко мочуриште, да понудиме надеж, изјави Мицкоски.
За крајот на оваа недела лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави седници на Централниот и на Извршниот комитет и ќе бидат соопштени дел од преостанатите кандидати за градоначаници.
-Нема да брзаме. Имаме уште неколку дена пред нас, за консултации внатрешни и цениме дека овие 56 имиња се далеку посупериорни од оние што ги понуди нашиот политички противник, рече Мицкоски.
Што се однесува до Данела Арсовска, ВМРО-ДПМНЕ целосно ја поддржува, и со својата структура застанува позади идниот градоначалник на Скопје, најпрво во реализација на проекти за Скопјани, а потоа и во се останато.
За локалните избори најави како што рече, „историски револуционерна програма“ во која што ќе има многу проекти кои се во интерес на граѓаните
-Ќе промовираме транспаретни, отчетни и еко здрави средини и општинии во Македонија и тука секоаш сме биле неколку чекори пред нашите противници, рече Мицкоски.
За кандидатите на СДСМ, рече дека нема да ги коментира, но она што најмногу, како што рече, го допрело се градоначалниците на најголемите пелагониски општини Битола и Прилеп, каде според него СДСМ го признала поразот.
Владејачката СДСМ исто така најавува дека ќе води позитивна кампања, што го докажале во низа циклуси на избори
-Имаме одлични резултати кои што се постигнати во изминатите четири години со реализирани над 7.000 проекти. Фокусот на оваа кампања секако ќе биде интересот на граѓаните. Црнила, мракови, лажни вести, деструкција, блокади, кочници, злоба, етикетираање тоа е се одлика на ВМРО-ДПМНЕ и тоа е партија која што воопшто не е реформирана и секако и во оваа кампања не може од нив да очекуваме ништо повеќе, изјави портпаролката на партијата Богдака Кузеска.
Кузеска, коментирајќи ја изјавата на Мицкоски и меѓусебните обвинувања за говор на омраза во пресрет на локалните избори, рече дека СДСМ апелира до опозициската партија да се однесуваат конструктивно и да се вклучат навистина во позитивна кампања.
-Ние зборуваме за ширење на лажни вести, зборуваме за деструкции, зборуваме за блокади, зборуваме за кандидати за градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кои што јавно се декларираат, зборуваат дека се антиваксери и кажуваат дека нема да примаат вакцина. Значи тоа не е обвинување, тоа е еден апел уште еднаш да се однесуваат конструктивно и да се вклучат навистина во позитивна кампања не само за локалните избори и не само за избори, туку да се вклулчат во сите процеси кои што сте добри и се од интерес на граѓаните и на државата, тогаш може да се најде заеднички јазик, рече Кузеска на прес-конференција во партијата.
СДСМ досега за локалните избори утврди 69 кандидати за градоначалници, кои, како што нагласуват од партијата, се докажани кадри, угледни и препознаени во нивните средини. Дел од нив ќе се борат за втор мандат, но една третина се нови лица кои досега немале можност да учествуваат во локалната власта, но се докажале во своите сфери на делување. На Коалицијата предводена од СДСМ се приклучи Странката за демократска акција на Македонија (СДА).
Локалните избори во Северна Македонија се закажани за 17 октомври. Кандидатските листи за изборите треба да се поднесат до Општинските изборни комисии до 11 септември. Кампањата ќе почне на 27 септември. Кампањата и изборите ќе се одржат со почитување на мерките за заштита од Ковид-19.