Пародија во битолскиот суд на судењето за претседателот на бугарскиот клуб 

За кого ја пее песната „Оган да го бие“, го праша адвокатот на обвинетиот Љупчо Георгиевски пејачот Ламбе Алабаковски, кој беше сведок денеска


Обвинетиот Љупчо Георгиевски и неговиот адвокат Насер Рауфи

 

БИТОЛА – Дали песната „Оган да го бие“, во изведба на Ламбе Алабаковски е намената за Ванчо Михајло?

Во пародија се претвора судењето на првиот човек на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, битолчанецот Љупчо Георгиевски, кого јавното обвинителство од Битола го обвини за две дела предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем.

Денеска пред судот сведочеше пејачот Ламбе Алабаковски кој веќе има пресуда за палењето на влезната врата на сега згаснатиот клуб на Бугарите „Ванчо Михајлов“ во Битола. Застапникот на обвинетиот Георгиевски, адвокатот Насер Рауфи, сакајќи да го дискредитира сведокот Алабаковски почна да му поставува прашања од типот – Дали имате анимозитет, бес, омраза кон клубот „Ванчо Михајлов“, дали се гордеете на чинот на опожарување на клубот, дали имате омраза кон Бугарите и ред други прашања за најпосле да го праша. 

„Дали по пресудата за опожарувањето на клубот на 4 јуни 2022 година сте пееле ‘Оган да го гори’? Дали како реваншизам сте ја пееле оваа песна“, го праша адвокатот Рауфи сведокот Алабаковски.

На ова обвинителката Оливера Нечаковска брзо реагираше барајќи приговор со коментарот – „Ова е смешно!“.

А, сведокот Алабаковски уште пред да се изјасни судијата за приговорот, без задршка одговори – „Апсолутно, не!“

Денешното судско рочиште е второ по ред, откако првично беа сослушани сведоците на обвинителството, Стефан Бошков, претседател на Сојузот на борците од Битола и Зоран Ѓоргиев, публицист и автор на книга за битолските Евреи. Kако сведоци на обвинителката Нечаковски требаше да се сослушаат Горан Садикарио, директор на Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Алабаковски. Садикарио не дојде на рочиштето зошто не бил уредно канет од судот. Судењето го следеа македонски и бугарски новинари, како и бугарски дипломат од Генералниот конзулат на Бугарија во Битола, кој беше и на првото рочиште. 

Алабаковски се појави во судот облечен во црна маичка со знамето и картата на Македонија со сите етногеографските области.

На почеток Алабаковски кажа за опожарувањето на вратата на клубот „Ванчо Михајлов“ и мотивите.

„Бев вклучен во тоа, можеби и главен виновник, зашто сметам дека во срцето на Македонија, во Битола, де факто и де јуре, не смее да има таков клуб со име на докажан фашист како што е Ванчо Михајлов“, рече сведокот и одговори на прашањето на обвинителката дали по инцидентот со опожарената влезна врата на клубот имал закани и навреди.

„Да, и ден денес, според мое мислење од бугарски граѓани, или луѓе кои се чувствуваат како Бугари, или од измислени ботови на Инстаграм или Фејсбук во директна порака со смртна закана кон мене и моето семејство“, рече Алабаковски. 

На ова реагираше адвокатот Рауфи велејќи дека обвинителството можело да повика и други сведоци, а не некој кој го опожарил клубот.

Па, адвокатот праша: „Дали се согласувате дека против Ванчо Михајлов нема пресуда дека бил фашист?“  

На ова бурно реагираше обвинителката Нечаковска кажувајќи дека Алабаковски не е историчар, па возврати со контра прашање – „Дали за Хитлер има пресуда дека е фашист?“

Но, судот го дозволи прашањето на одбраната, дали Ванчо Михајлов бил фашист, на што Алабаковски одговори: „Не, не знам“.

По ова настана мешаница дали Алабаковски е сведок на судењето или обвинет, за што обвинителката реле дека адвокатот му става зборови во устата на сведокот и го навредува. Тука судијата пресече во полза на обвинителството.

Следното рочиште е на 18 декември кога треба да се сослушаат сведоците на обвинителството Горан Садикарио и  на одбраната Георги Црномаров и Благој Шаторов, секретар на згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“, за кој адвокатот кажа дека заминал во Бугарија, без да се прецизира дали тој веќе живее таму.