Парламентарни избори во Австралија
Австралија- Околу 11 милиони Австралијци денеска гласаат за избор на нов состав на австралискиот Федерален парламент, по 36-дневна изборна кампања во која главни теми беа климатските промени и состојбата во економијата.
Жителите на Австралија избираат 40 од вкупно 76-те членови на Сенатот и сите 151 членови во Претставничкиот дом. За сенаторските места се борат 458, а за членови на Долниот дом вкупно 1.056 кандидати.
Главната битка сепак ќе се води за Претставничкиот дом, бидејќи партијата или коалицијата што ќе освои мнозинство во него ќе добие мандат да формира Влада.
Како што јави ДПА, последните анкети на јавното мислење покажуваат дека опозициската левоцентристичка Лабуристичка партија на поранешниот синдикален активист Бил Шортен најверојатно ќе извојува тесна победа над владејачката конзервативна коалиција на Либералната и Националната партија, предводена од премиерот Скот Морисон.
Владејачките конзервативците во кампањата ветуваа платформа на стабилност и на подобро управување со економијата, додека лабуристите најавуваа засилена борба против климатските промени.
Гласањето, кое се одвива на околу 7.000 избирачки места во континенталниот дел на земјата и во прекуморските територии, вклучително и на Антарктикот, започна во 8 часот по локално време и ќе трае до 18 часот.