Паркот „Радост“ се израдува пред избори – две години по помпезниот почеток


Изградбата и уредувањето на новиот парк „Радост“ во Реонски центар во Општина Аеродром е во завршна фаза и во зависност од временските услови, се очекува паркот да го добие својот финален изглед до средината на следниот месец, соопштија денеска од Општина Аеродром.

Изградбата на овој парк почна пред две години, со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје и фирми донатори. Но, две години стоеше раскопан и ништо од тогашните најави не беше реализирано. Од тогаш се смени градоначалникот Тимчо Муцунски – стана министер. Општината ја води В.Д. градоначалник Дејан Митески, кој пак денеска засади и дрвја на оваа површина.

Инаку, во паркот, кој е со површина од околу 6 000 квадратни метри, поставен е систем за осветлување со канделабри, а во овој момент се градат пешаките патеки, а се врши и хортикултурно уредување на просторот, по што ќе биде монтирана и современа урбана опрема, клупи за седење и канти за отпадоци, соопштува општината.

В. Д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска заедно со други претставници на Општината и на Советот извршија увид во градежните активности на терен.

Притоа, во паркот беа засадени симболични 62 високостеблести платани, донација од Европската Унија во рамките на проектот „ЕУ за чист воздух“.

Се засадија дрвја и во ООУ „Лазо Ангеловски“

Инаку, во рамките на истиот проект, вчера, во дворот на ООУ „Лазо Ангеловски“ исто така беа засадени 30 садници, при што претставници од Првиот скопски извиднички одред преку практични примери ги запознаа учениците со важноста на урбаното зеленило и влијанието на дрвјата врз квалитетот на воздухот.(Б.Б.)

Почнува изградбата на паркот „Радост“ во Аеродром

Муцунски почна изградба на парк на влезот во Лисиче, „Радост“ кај ПСС го заборави