„Париски рефлексии 2 и 3“ во Културно информативниот центар Офицерски дом – Битола
На 13 ноември 2024 година, во 18 часот, во КИЦ во Битола ќе се отвори изложбата насловена „Париски рефлексии 2 и 3“. Оваа изложба беше реализирана во соработка со Францускиот институт во Скопје, односно со амбасадата на Франција и три дела на „Париски рефлексии“ и првично претставена во Чифте амам. Поводот за овие соработки три години наназад беше одбележувањето на Деновите на Франкофонијата во нашата земја, со што ја претставивме соработката помеѓу двете земји и проткајувањето на пријателските односи од уметнички аспект.
Како и минатата година, така и оваа претставуваме селекции од овие изложби во Културно информативниот центар Офицерски дом – Битола, во соработка со Француското конзуларно претставништво и Француската Алијанса, а со поддршка на Француската амбасада, односно Францускиот институт од Скопје. Овој пат НУ Национална галерија на РС Македонија ја претставува изложбата „Париски рефлексии 2 и 3“.
Минатата година во Битола беа претставени основоположниците на македонската модерна, односно современа мисла кои дел од своето творештво го дефинирале преку студиски престои и специјализации во центарот на уметноста – Париз, односно во интернационалната заедница означена под синтагмата Париска школа. Тоа беа македонските уметници: Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Пандилов Аврамовски, Томо Владимирски, Борко Лазески, Лена Стефанова, Димо Тодоровски, Димче Коцо, Лена Стефанова, Василије Поповиќ Цицо и Вангел Коџоман.
Во 2024 година пред битолската јавност се претставуваат втората генерација автори кои се родени до 1930 година, и се вклучиле во дефинирањето на ликовната сцена кај нас по Втората светска војна па се до 6та и 7та деценија на 20 век: Борислав Траиковски, Димитар Кондовски, Томо Шијак, Петар Мазев, Спасе Куновски, Ордан Петлевски, Иван Велков, Миле Корубин, Богољуб Ивковиќ, Ристо Лозаноски, Ванчо Ѓорѓиевски, Трајче Јанчевски. Преку претставените дела на оваа генерација автори се чувствуваат рефлексиите на едно време, особено во доменот на пренесување на влијанијата на двете навидум спротивставени оски – апстрактната уметност и фигуративната, пред се преку влијанијата на надреализмот и енформелот.
Воедно, изложбата која го носеше предзнакот 3 и претставуваше избор на дела од третата генерација македонски уметници кои реализирале студиски престој, дел како добитници на тогашната државна награда „Моша Пијаде“, но и преку специјализации и дополнување на образованието, изложби или на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани со центарот на светската уметност – Париз. Со тоа, секој со своето препознатливо творечко кредо, извршиле влијание врз развојот на македонската уметност, особено во доменот на пренесување и продлабочување на влијанијата на енформелот, надреализмот, новата фигурација, геометризмот и останатите тогаш актуелни светски тенденции. Во овој дел се вклучени авторите кои се родени по 1930 година, ја дефинирале ликовната сцена кај нас во седмата и осмата деценија на 20 век, а се значајни и по нивната педагошка дејност (многу од нив стануваат професори на Академијата за ликовна уметност во Скопје): Нове Франговски, Душан Перчинков, Родољуб Анастасов, Танас Луловски, Ристо Калчевски, Ана Темкова, Глигор Чемерски, Драгутин Аврамовски – Гуте, Кирил Ефремов, Александар Ристески, Александар Јанкуловски – Цане, Васко Ташковски, (сликари). Боро Митриќески, Стефан Маневски, Васил Василев, Драган Попоски Дада, Борис Николовски (скулптори).
Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија. Сите претставени дела, од кои повеќето се ретко изложувани, се дел од Колекцијата на Националната галерија.
Изложбата ќе ја отворат г-дин Благојче Божиновски, в.д. директор на институцијата домаќин Културен и информативен центар – Битола, Маја Неделкоска-Брзанова, в.д. директор на Националната галерија и Господин Филип Маршето, Прв Советник во Амбасадата на Франција.