Папратот ќе ја уништи моликата на Пелистер
Состојбата со моликовата шума е алармантна. Староста на стеблатам климатските промени,високиот папрат и негрижата на луѓето ѝ се закануваат на оваа природна реткост

БИТОЛА – Нацииналниот парк „Пелистер“ го вклучи црвеното светло, аларм за исчезнување на моликовата шума поради физиолошката зрелост, климатските промени, неможноста за природно обновување и негрижата во изминатите децении и неспроведувањето на одгледувачките мерки.
Покриеноста со моликова шума на Пелистер е 2.500 хектари на надморска висина од 800 до 1.500 метри. „Ветроизвалите и снегоизвалите се потврда за реалната состојба на терен. После силните ветришта и врнежите од снег во НП ‘Пелистер’, настанаа големи штети врз моликата, особено на локалитетот Бегова чешма. Стеблата ја имаат достигнато физиолошката зрелост со гнилеж и трулеж и се подложни на кршење, инсекти и габи”, предупреди Зоран Пројчески, шумарски инженер во НП „Пелистер“.
Претходно во овој дел на Пелистер поради големата посетеност од посетители било избегнувано да се пропишат мерки и планови за одгледување на моликата, што сега резултира со ваква крајно загрижувачка состојба, велат од паркот.
Професорот Николче Велковски од Шумарскиот факултет во Скопје, кој две децении работи на катедрата за одгледување на шуми, вели дека за стручната фела проблемот со изумирањето на Пелистер е нормална појава со оглед на староста на шумата. „Она што треба да се направи е да се обезбеди подмладок, старите дрвја исто како и луѓето треба да заминат и местото да го остават на помладите. Проблемот на моликовата шума на Бегова чешма е што во овој момент има неблагопријатни природни услови за развој. Папратот тука расте до 2 метри и зафаќа со голема густина поради што семето од шишарките од моликата кое што паѓа, наместо да формира младо растение, не може да изгние. Во папрат не може да расте ново растение. Потребно е да се формираат подмладни јадра“, препорачува професорот.
Марјан Мицев, главен инспектор за шумарство, во однос на законските мерки вели дека се издадени решенија за чистење на патеките со паднатите молики од ветроизвали и снегоизвали. „Издадовме решенија со конкретни рокови за решавање на проблемот, вадење на таа дрвна маса, оти прво треба да се исчистат паднатите молики. Се работи за големи површини. Ќе се работи во континуитет и со исушената молика, и заради опасноста од пожари“.
Директорот на НП „Пелистер“, Иванчо Тошевски, вели дека свикал средба од стручни лица од сите засегнати институции со цел да се најде решение на проблемот. „Штетата не е за потценување, но процесот на зачувување ќе почне со долгорочни и краткорочни мерки. На Пелистер не може да се импровизира, ќе мора со експерти решението да го преточиме во сет мерки и заклучоци. Ќе се дефинира и финансиска конструкција“, рече Тошевски.