Папа Франциск: Критичарите не и сакаат добро на Црквата
Папата Франциск ги обвини своите критичари дека „му забиваат нож во грб“ и истакна дека не се плаши од раскол во Католичката црква.
Одговарајќи на новинарски прашања по враќањето од Африка, каде што ги посети Мадагаскар, Маурициус и Мозамбик, Папата рече дека конзервативните свештеници кои се почесто го критикуваат не и сакаат добро на Црквата.
– Тие луѓе не и сакаат добро на Црквата, се грижат само кога треба да се смени папата, да се промени стилот и да се создаде раскол, рече папата Франциск.
Некои католички водачи, особено во Соединетите Држави, но и на други места во светот, го обвинија Папата дека ја намалил моќта на верата, па дури имаше и повици за негова оставка.
Тие се противат на неговите ставови за миграција и заштита на околината, но пред се на неговите напори да дозволи разведените па повторно оженети католички верници да земат причест.
– Не се плашам од раскол. Се молам да не дојде до тоа, бидејќи духовното здравје на многу луѓе зависи од тоа. Моите ставови за социјалните прашања се исти како и на папата Јован Павле Втори. Јас го копирам него, а потоа ми велат дека папата е комунист, изјави папата Франциск.