Панта Мижимаков беше нашето филмско наследство, ама многу работи забораваме


Нема подобар начин да се разбере Панта Мижимаков, освен како историја или приказна. Ова го кажа режисерот Јани Бојаџи на денешната комеморација во Кинотека за Панче Панта Мижимаков, најистакнатиот македонски филмски продуцент, кој почина на 5 март на 79-годишна возраст.

Мижимаков во кариерата бележи над 100 играни, долгометражни, краткометражни и документарни филмови, а Кинотека на Македонија чува стотици документи од домашни и странски продукции и копродукции на кои работел тој.  Според Бојаџи, Мижимаков бил во право кога велел дека филмот во Македонија повеќе им дал на филмаџиите, отколку тие нему.

„Панта беше во право и брутално искрен во уверувањето дека филмот во Македонија нам ни дал повеќе, отколку ние нему. Ете, за наша среќа така беше и со Панта. Тој нам, на луѓето кои со него ги споделувавме животните и филмски приказни, ни даде повеќе, отколку ние нему. Му благодарам на филмот што го запознав и што можев да живеам и работам со него. Беше чест и задоволство да се биде дел од историјата на македонскиот филм. Нема подобар начин да се разбере Панта Мижимаков, освен како историја. Она што во суштина означува зборот историја- приказна“, кажа режисерот Јани Бојаџи.

„Мислев дека ќе сте повеќе, Панта ни остави наследство, ама многу работи забораваме, рече филмологот Илинденка Петрушева.

„Со Панта сме старо друштво, филмаши. Приказни има многу. Ќе ви кажам за тоа кога мојот син Бранд Ферро сакаше да студира кинематографија. Јас бев против и се крстев во Панта дека само тој може да го разубеди. Дојде кај нас, си прават, си прават муабет и дојде време да си оди. Јас седам како полиена со ладна вода. Му велам: ‘Ама, што се договоривме?‘ Ми вика: ‘Е, сега, ти си го воспитала, јас ќе исправам криви дрини’. И му вели: ‘Филмот е фашизам. Треба челична дисциплина. Знаеш’. Бранд му вели: ‘Знам’. ‘Е, па работи го тоа’”, кажа Петрушева.

Директорот на Кинотеката, Бошко Грујоски, рече дека неговиот живот може да се преточи во филмска приказна и дека комплетирањето на неговата архива ќе виде голем предизвик за Кинотеката.

„Ни самиот не знаеше или не сакаше да знае на колку филмови работел”, рече Грујоски.

Мижимаков студирал на Академијата за театар, филм, радио и ТВ во Белград. Често работел на копродукциите и странските продукции кои се реализираа во Македонија и Југославија. Во „Вардар филм“ соработувал на поголем број играни, документарни и кратки филмови. Од 1991 беше еден од основачите и директор на приватната продукциска куќа „Пегаз“, со која има реализирано неколку филмски проекти.

Бил продуцент и менаџер на продукција на филмовите како „Среќна Нова“, „Преку езерото“, „Џипси меџик“, „Миротворец“, „Татко (Колнати сме Ирина)“, „Најдолгиот пат“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“ и „Тајната книга“.

Во 2018 ја прими наградата Златен објектив на Кинотеката на Македонија за исклучителен придонес во македонската кинематографија.