Панел-дискусија „Политиките за доделување дозволи за емитување и иднината на дистрибуцијата на телевизиски содржини“
Во Скопје денеска ќе се одржи панел-дискусија за политиките за доделување дозволи за емитување и иднината на дистрибуцијата на телевизиски содржини во организција на Центарот за развој на медиуми.
– Сметаме дека досега измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за негово усогласување со новата Директива за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ, не се доволни и дека на законодавството му треба поцелосна реформа, што ќе обезбеди и негово прилагодување на новите трендови во областа на телевизиското емитување и функционирањето на медиумите воопшто во новото дигитално опкружување, наведуваат од Центарот.
Новото дигитално опкружување и растечката доминација на интернет-платформите за дистрибуција, како што се посочува во соопштението, „меѓу другото и на аудиовизуелни медиумски содржини, ги прави старите платформи за дистрибуција сѐ помалку значајни за процесот на дистрибуција на телевизиски/аудиовизуелни содржини до публиката“.
– Овој документ е обид да се поттикне расправа за потребата од промени во важечките политики за распределба на достапните капацитети за терестријално, но и за кабелско, сателитско и ИПТВ емитување во Република Северна Македонија. Исто така, документот нуди и некои поконкретни идеи и предлози за насоките во кои треба да одат законодавните решенија и политиките за доделување дозволи за емитување, за да одговорат на новите предизвици. Подготовката на овој документ за јавни политики и дискусијата се дел од редовните активности на Центарот на развој на медиуми, со финансиска поддршка од Европскиот фонд за демократија (ЕЕД), се додава во соопштението.