Панел дискусија „Кој е авторот во ера на вештачка интелигенција?“


Фото: Б. Грданоски

 Во салата „Борис Трајковски“ во рамки на Саемот на книга, денеска ќе се одржи јавна панел-дискусија на тема „Кој е авторот во ера на вештачка интелигенција?“. Фокусот ќе биде ставен на авторството, интелектуалната сопственост и иднината на креативноста во ера на вештачката интелигенција.

Настанот го организираат здружението „ВИ Сега“ и Македонската асоцијација за интелигенција (МАИ), а има за цел да отвори јавна дебата за улогата на авторот и авторските права во време кога вештачката интелигенција активно учествува во создавање на содржини – од книги и статии, до музика, илустрации и преводи.

Како што е најавено, на панелот ќе учествуваат истражувачката новинарка и уредничка во ИРЛ, Сашка Цветковска, експертката за медиумска етика, Марина Тунева, претседателот на МАИ Бојан Саздов, комуникологот и автор Сеад Џигал и основач на „ВИ Сега“ и авторот на првата книга за ВИ на Балканот, Суад Сефери.

Панелистите ќе дискутираат за правните и етичките димензии на генеративната вештачка интелигенција, за можноста за ко-авторство меѓу човек и алгоритам, одговорноста за содржина создадена од вештачка интелигенција и предизвиците пред кои се наоѓаат авторите во ова ново дигитално доба.