Пандемијата е извор на заработка за италијанската мафија

 

Организираниот криминал успеа да извлече корист од вонредната ситуација предизвикана до пандемијата од Ковид-19 во мерка која загрижува, наведува италијанскиот весник „Ил фато Коридијано“, пренесувајќи извештај од Здружението антимафија, составен врз основа на полициски извештаи, тужби и телефонско прислушување и други факти прибрани ширум Италија.

Во извештајот се цитираат зборови од еден мафијашки шеф Салваторе Емоло, кој зборувајќи по телефон со бизнис партнери, вели дека „со вируспт се прават пари“.

Од почетокот на пандемијата во Италија покренати се повеќе од 3.000 истраги поради вмешаност на криминалните организации во работи поврзани со вонредната состојба предизвикана од корона вирусот.

Мафијата е вклучена во набавка на санитарни материјали, лекови, има индиции дека криминални организации се обидуваат да се вклучат во набавка и дистрибуција на вакцини, а особено загрижува можноста за воведување лажни вакцини на пазарот, како што предупреди Министерството за здравство.

Според некои полициски истраги, мафијата, Ндрангета и Камора веќе се вклучени во работи со медицински отпад, кој мора да се уништи само во согорувачи.

– Тоа е работа од милион долари, имајќи предвид дека од почетокот на пандемијата се потрошени две и пол милијарди евра на медицински материјали, дистрибуирани се повеќе од две милијарди маски за еднократна употреба и откако ќе се користат, сите мора да бидат уништени на пропишан начин. Во тоа, организираниот криминал ја гледа својата шанса за милионска заработка, вели заменик-јавниот обвинител и раководител на одделот за борба против мафијата, Алесандра Долчи.