Паметни клупи и дрворед јапонски цреши ќе никнат на плоштадот „Јадран“


 

За првпат на територијата на Општина Центар и воопшто на територијата на цела држава, ќе бидат поставени паметни клупи на јавна површина од страна на здружението „Гоу Грин“ и тоа на плоштадот „Јадран“.

– Новите паметни клупи ќе обезбедат бесплатен интернет и можност за полнење на мобилни телефони – најави градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.

– Уредувањето на Сквер Јадран, во центарот на градот, е во целосна согласност со тенденцијата на Град Скопје да ослободи и да уреди колку што е можно повеќе простор за пешаците и за велосипедистите, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на реконструкцијата на овој сквер.

Градоначалникот Богдановиќ денеска најави дека во текот на реконструкцијата на Сквер Јадран ќе се заменат бекатон-плочките и рабниците, ќе се постават нови клупи, корпи и корпи за селектирање на отпад, ново осветлување и нови дрвја со систем за наводнување.

Обезбедена е и донација од Еврејската заедница за нов дрворед од јапонски цреши.

Антонио Јовановски, претседателот на здружението „Гоу Грин“, објасни дека проектот „Еко иновативни зони“ по иницијатива на „Гоу грин“ наишол на целосна поддршка од Општина Центар и со поддршка од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој, успеале овој проект да стане реалност.