Палмер му се јавил на Мицкоски, барал конструктивна опозиција


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, остварил телефонски разговор со заменик-помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер, при што се разговарало за актуелните политички и општествени случувања во земјава, како и за исполнувањето на стратешките приоритети.

Во разговорот, според соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, било потврдено стратешкото пријателство со САД, и посветеноста во исполнување на агендата поврзана со НАТО Алијансата и исполнување на потребните демократски вредности.

Од страна на Мицкоски, според ВМРО-ДПМНЕ, била истакната потребата за почитување на принципите за владеење на правото и правната држава, како и неопходноста од реформи кои ќе значат одлучна борба против криминалот и корупцијата. Воедно била истакната потребата од дијалог на највисоко ниво за клучните прашања важни за граѓаните и заедничкиот напредок.

Во разговорот од страна на Мицкоски било посочено дека потребни се квалитетни решенија за престојниот попис на населението, како и конечен договор со Бугарија кој нема да опфати „какви било национални и идентитетски отстапки, а нашиот источен сосед ќе подржи одржување на меѓувладина конференција без дополнителни условувања, додека билатералните прашања да се решаваат надвор од процесот на интеграција на Македонија во ЕУ“.

По соопштението од партијата за средбата се огласи и амбасадата на САД.

„Заменик-помошникот државен секретар Метју Палмер разговараше со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска за да ја истакне важноста што САД му ја придаваат на најновиот НАТО сојузник што има стабилни институции кои демонстрираат евроатлантски вредности, а особено потребата од конструктивна и ангажирана опозиција, се наведува во објавата на Амбасадата на САД.

Палмер, како што објави амбасадата на САД, го охрабрил Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да соработуваат со останатите со цел да се надминат предизвиците со коишто се соочува земјата, вклучително и решавањето на разликите со Бугарија, како и обезбедување успех на пописот на населението, што е важна статистичка алатка за подобрување на управувањето.