Пакомак: Користењето на повратните вендинг машини носи придобивки за сите
Навиките на луѓето не се менуваат лесно, но доколку успееме да ги увериме дека навиките ги менуваме за доброто на сите, можеби поголем број од нив ќе решат да направат промена и да ги прифатат новите практики, вели Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак.
„Сега засега, главната причина зошто луѓето не ги користат повратните вендинг машини е поради тоа што немаат стекнато навика за селекција на отпадот дома. Затоа, Пакомак активно работи на едукација на оваа тема и се обидува да обезбеди приклучување на што повеќе луѓе кон одговорниот начин на одложување на отпадот“, вели Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак.
На повеќе локации во главниот град веќе можеме да ги забележиме повратните вендинг машини на Пакомак, но од компанијата велат дека ова е само почеток и дека во иднина е планирано да бидат поставени над 300 машини во повеќе градови во земјата.
„Граѓаните треба почесто да размислуваат за животната средина и околината во која живеат, бидејќи немаме друга земја која можеме да ја наречеме своја и каде што сакаме да израснат нашите следни генерации. Секој сака да живее во убава средина, но за да го имаме тоа, имаме обврска и да се грижиме за неа. Па така, користењето на вендинг машините носи ‘зелени поени’ кои можат да се искористат за разни плаќања и со тоа се обезбедува придобивка за корисникот со секоја употреба на вендинг машините. Затоа, секоја општествено одговорна личност ќе сфати дека не го прави ова само за себе, туку и за целата околина“, додава Брдароски.
Според него, за да доживееме целосна промена во начинот на кој го одложуваме отпадот на национално ниво, мора најпрво да ја зајакнеме инфраструктурата – нешто што Пакомак активно го прави, преку поставување на соодветни канти, контејнери и повратни вендинг машини. Но, подеднакво важно е и да ја адаптираме регулативата, како во голем дел од земјите ширум Европа, како и да се обидеме да ја кренеме свеста кај луѓето за важноста на правилното одложување на отпад.