Паѓа случајот „Организатори на 27 април“, имало пропусти во постапката?


 

Битни пропусти во судскиот процес „Организатори на 27 април“, утврдило Јавното обвинителство.  Наводно, не биле земени во обѕир важни факти и настани кои би можеле да влијаат во постапката, поради што Јавното обвинителство во своето мислење констатира дека немало основи за поведување на постапка.

Обвинителството денес изјави дека сметаат оти постои правна пречка да се води оваа постапка. Сега судот треба да одлучи дали ќе се запре постапката или таа ќе продолжи.

За потсетување, со години се води постапка за терористичко загрозување на уставниот поредок против двајца поранешни министри, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски. Овој процес заврши со осудителна одлука во судот во прв степен. Апелацискиот суд во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година. Обвинетите не добија можност да се произнесат ниту да се повикаат на амнестијата која уследи за овој случај.

Адвокатот Еленко Миланов за „Мкд“ изјави вели дека обвинителството дало мислење за примена на Законот за амнестија од 2018 и сега судот треба да донесе одлука. Ова мислење се однесува на Миле Јанакиески, Спиро Ристески и Трајко Вељаноски, но не се однесува на Владимир Атанасовски, кој беше директор на УБК.

Јавното обвинителство преку соопштенија ја објасни неговата позиција.

„Ве известуваме дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапувајќи по барањето на Основниот кривичен суд Скопје достави мислење во однос на поднесените барања од обвинетите против кои се води постапка во однос на примената на Законот за амнестија.

Мислењето е донесено врз основа на заземен став на Стручниот колегиум на Јавното обвинителство во проширен состав, откако со напатствија на Апелацискиот суд Скопје, Основниот кривичен суд Скопје беше задолжен да се произнесе во поглед на важењето на амнестијата за дел од обвинетите. При носењето на мислењето, јавното обвинителство ја имаше предвид и правната аргументација од веќе донесеното решение на судот од 20.12.2018 година со кое еден обвинет беше ослободен од гонење за кривичното дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок од чл.313 од КЗ пред фазата на изведување на докази.

Во мислењето се истакнува дека барањето на одбраната на обвинетите за примена на законот не може да се спори, дотолку повеќе ако се земат предвид обвинетите и осудените што веќе се амнестирани.

Обвинетите бараат примена на овој закон, што како уставно право секако им припаѓа, да се повикаат на примена на институтот кој е отелотворен во донесениот закон за амнестија. Оттука барањето на одбраната за примена на законот, за нивен еднаков третман пред законот како и останатите осомничени и обвинети кои добија амнестија врз основа на истиот закон не може да се спори“.

Почитувајќи ги законските одредби и имајќи ги предвид ограничувањата при примената на законот, обвинителството темелно ги образложи причините за своето мислење со кое наоѓа дека кај тројца од обвинетите законските одредби налагаат амнестија, додека кај еден обвинет не може да се примени овој правен институт, бидејќи за истиот важат исклучоците од амнестијата која ја дал законодавецот со своето законско решение.

Во секој случај имајќи ја предвид фазата во која се наоѓа оваа постапка, обвинителството е обврзано според Законот за амнестија да даде мислење, но судот ја носи конечната одлука по свое наоѓање и убедување како краен арбитер​“, велат од Јавното обвинителство.

Апелацискиот суд во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која поранешниот спикер Трајко Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски на шест години и три месеци, а поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски на шест години затвор. Предметот е вратен на повторно судење.

Процесот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Искра Хаџи Василева.