Паднатите дрвја во невремето во неделата уште блокираат патеки низ Аеродром (фото)
Два дена по невремето во Скопје, скршени дрвја уште ги блокираат патеките низ Аеродром и Ново Лисиче.
Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ уште не стигнале да ги отстранат сите.
Уште истата вечер, директорот на ЦУК Стојанче Ангелов изјави дека сите пријави се пренесени на надлежни институции.
По силниот ветар, дожд и град во Скопје, во неделата вечерта, беа пријавени повеќе од 70 локации на кои имаше паднато скршени дрвја, а најмногу во општините Аеродром, Гази Баба и Центар, а пријави до ЦУК пристигнаа и за поплавени подруми и улици во Бутел и Ѓорче Петров.
Од УХМР пак повторно предупредуваат за исклучително нестабила воздушна маса, која до петок ќе услови променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд и грмежи. На повеќе места ќе има појава на невреме со обилен пороен дожд за кратко време, грмежи, силен ветер (над 60 км/час) и град, соопшти УХМР.
УХМР препорачува поголема внимателност во случај на појава на електрични празнења, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.