Падна владата на Црна Гора, Абазовиќ го победи премиерот Кривокапиќ
Консултациите за формирање на нова влада почнуваат уште утре. Партијата на Мило Ѓукановиќ нема да биде дел од новата влада
Пратениците во Собранието на Црна Гора со мнозинство гласови вечерва ѝ изгласаа недоверба на владата на премиерот Здравко Кривокапиќ.
Гласаа 54 пратеници, 43 за недоверба и 11 против.
Пратениците на Демократскиот фронт (ДФ), Социјалистичката народна партија (СНП) и Движењето за промени (ПзП) ја напуштија салата кога почна јавното гласање.
Потпретседателот на УРА, Милош Конатар, по гласањето за недоверба изјави дека во сабота ќе почнат консултациите за формирање нова влада и дека лично би сакал Дритан Абазовиќ, кој е и претседател на движењето УРА, да биде мандатар.
Тој на дискусијата посочи дека ДПС на претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, нема да биде дел од идната Влада.
Недовербата беше изгласана на третата вонредна седница на собранието. Премиерот Здравко Кривокапиќ, за време на расправата ја напушти салата и не присуствуваше на седницата, како и повеќето министри. Веднаш по почетокот потпретседателот Дритан Абазовиќ ја напушти седницата.
Пред тоа заврши седницата поведена на иницијатива на премиерот Здравко Кривокапиќ за распуштање на Собранието. Дневниот ред на таа седница не беше усвоен, па седницата веднаш заврши.
Претходно денеска, по повод седницата за недоверба на Владата на Црна Гора, Абазовиќ изјави дека Владата го исполнила мандатот и дека политичките околности се такви што „можеби не можело да оди понатаму“.
Предлогот за гласање недоверба на Владата го потпишаа 31 пратеник на опозицијата и на коалицијата „Црно-бело“, на чиј предлог се одржа седницата.
Парламентот на Црна Гора вчера одби да расправа за иницијативата на Кривокапиќ за смена на вицепремиерот Дритан Абазовиќ, по што Кривокапиќ изјави дека е свесен дека денеска ќе се гласа за недоверба на неговата влада.