Пацоли: Ќе ги забранам посетите на Брнабиќ поради расистички коментари


Косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли денеска најави дека ќе ги забрани посетите на српската премиерка Ана Брнабиќ, откако имаше „расистички“ коментари.

– Нема да дозволам српската премиерка да влезе во Косово, откако поддржа расистичка и незаконска идеологија против народот на Косово, напиша министерот Пацоли на Фејсбук.

Овој потег доаѓа еден ден откако српската премиерка го идентификуваше косовското раководство како „најлош вид популисти“ и „луѓе кои буквално излегоа од шумата“.

– Тие луѓе се терористи кои не се осудени, рече Брнабиќ, посочувајќи дека многумина од актуелните косовски политичари се поранешни борци кои војуваа против Србија кон крајот на 90-те години.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи исто така ги осуди коментарите на Брнабиќ, истакнувајќи дека тоа е „уште едно сведоштво за патолошката омраза на актуелниот режим на Србија против граѓаните на Косово“.