Пациентката што почина имала леукемија, респиратори има на сите клиники, вели Таравари


Министерот за здравство, Арбен Таравари, денеска рече дека пациентката која вчера починала откако не била примена на интензиван нега имала акутна леукемија. Тој пред медиумите кажа дека ќе побара извештај за да види од што починало лицето.

Вчера опозициската СДСМ објави дека пациентка која утрото во лоша состојба не била примена на интензивна нега во Инфективната клиника, а потоа била вратена и од Карил, починала. Пациентката не била примена бидејќи била позитивна на Ковид, за што е потребен респиратор. Наводно била одбиена  бидејќи одделението за ковид пациенти се реновирало. Министерот Таравари рече дека, колку што знае тој, респиратор има во речиси секоја клиника во комплексот.

– Се работи за случај со акутна леукемија, добив податоци од Хематологија, тоа е сериозна малигна болест со лоша прогноза. Пациентката е лекувана на Хематологија по сите протоколи. Таа имала 48 години. Инфицирана е и од Сарс-Ков 2,што е веќе нормално и го преживуваме денес сите. Во меѓувреме за пациентката е консултиран анестезиолог и инфектолог и дадени се предлози за терапија, но треба да знаеме од што починала пациентката. Кај акутна леукемија следува тежок период по добиена терапија. Гарантирам дека пациентката е третирана по сите протоколи. 

Причината за смртта не е дека не работела интензивната нега во инфективан клиника. Интензивно лекување има речиси на сите клиники. Тие сите имаат интензивен дел со специјални услови за третман.Респиратор има скоро на сите клиники, јас побарав извештај за да дознаам за што се работи. Не верувам дека причината е тоа што немало респиратор, рече Таравари.