„Оживеан“ објектот „Градбата со Арки“ во Стоби преку 3D фотореалистична реконструкција

Проектот „Градбата со Арки – дигитална порта кон римското минато на Македонија“, претставува значаен чекор напред во современата презентација на македонското културно наследство. Овој објект од римската епоха, сместен во археолошкиот локалитет Стоби, е оживеан преку фотореалистична 3D реконструкција, со што се комбинира археологијата, дигиталната уметност и научното истражување.
„Ова е исклучително значаен чекор во современата презентација на нашето културно наследство што овозможува спој на археологија, технологија и уметност, со цел да го доближиме минатото до јавноста, но и да го поставиме Стоби на мапата на важни европски културни дестинации. Проектот за 3D реконструкцијата на „Градбата со Арки“ е резултат на долгогодишните заложби на Блинк 42-21 за дигитализација на културното наследство и негово современо презентирање пред публиката“, велат креаторите на реконструкцијата.
Проектот е финансиски поддржан од Научната установа Стоби, а се реализира со посветеност на автентичност и научна точност, благодарение на археологот м-р Гоце Павловски од НУ Стоби, графичкиот уметник м-р Димитрис Цалканис од Digital Heritage Creations од Атина.