Озборувањата не се докази


ФРОСИНА ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Специјалното јавно обвинителство успеа да го донесе во судница бизнисменот Орце Камчев. Но само како сведок за случајот „Тортура“ во кој им се суди на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и на припадниците на единицата „Алфа“ за нечовечкото апсење на поранешниот министер Љубе Бошкоски, а не за финансискиот криминал што СЈО тврди дека го направил преку отворање на офшор-компании. Камчев и новинарката Оливера Трајковска, СЈО ги повика оти по телефон разговарале за апсењето на Љубе Бошкоски. Интимните разговори на двајцата пријатели, Камчев – најбогат Македонец и бизнисмен, а Трајковска – едно од најпознатите новинарски имиња, беа објавени на радост на воајерската јавност. Но конкретниот разговор во кој Трајковска му вели на Камчев: „Не ми се допаѓа ова, да му кажеш на пријателот твој, уште прв ден по избори“, не го докажува кривичното дело за кое СЈО ги товари обвинетите. Обвинителот Лапе не успеа да извлече ништо од сведоците освен дека Камчев знаел дека Бошкоски ќе го апсат, а на крајот фалеше уште да им се извини. Нивните сведочења беа само еден евтин поен плус или можеби минус за СЈО, откако им падна и првото обвинение за дивоградбите на Латас.

Сега веќе и на најголемите поддржувачи на СЈО им е јасно дека „че си лежите“ може да се избрише. Обвинителите на СЈО, намерно или ненамерно, изгубија драгоцено време. Наместо да го докажуваат финансискиот криминал на минатата власт и да го „мрднат“ бројчаникот, тие почнаа со шлаканиците што ги нарачувал Груевски пред Општина Центар, со „мерцедесот“ што го купил, со дивоградбите на Латас и со тангите на Ивона, а најсуштинскиот случај преку кој требаше да се докаже кој и како ги изнесувал парите на граѓаните од земјава, „Империја“, го оставија за на крај, по спорниот рок по кој не можат да поднесуваат обвиненија. Обвинение по рокот поднесоа и за случајот „Талир“ преку кој требаше да докажат дека ВМРО-ДПМНЕ станала најбогата партија во Европа на нелегален начин.

И додека специјалната обвинителка Катица Јанева се правда дека морала да му го врати пасошот на Камчев бидејќи стотици луѓе биле вработени во неговите фирми, не собра докази како тој го стекнал капиталот, како стоеше зад секоја втора фирма во Македонија и колку фирми затвори. „Отворањето на денешните финансиски истраги, заедно со предистражните и другите истражни постапки кои веќе се водат во ова обвинителство во иднина ќе утврдат на кој начин се перени пари од буџетот на Македонија и како потоа овие пари завршувале во приватните џебови на одредени високи функционери во власта и правни лица зад кои исто така се кријат високи функционери на власта“, изјави Јанева во март 2017 година. Тогаш СЈО тврдеше дека од буџетот нелегално биле испумпани 36 милиони евра, но овие тврдења уште не се докажани и не се врати ниту евро од приватните џебови.

Груевски е азилант во Будимпешта, Мијалков е најредовен во суд, но парите што ги стекна никој не му ги чепка. Единствено е замрзнат имотот на бизнисменот Сеад Кочан, но и тој сè уште не е конфискуван. Јанкулоска се спаси од затвор, на Канческа-Милевска почнаа да ѝ ги повлекуваат пријавите, Латас е ослободен за едно дело… Со недокажувањето на вистинскиот криминал на минатата власт, СЈО само ги виктимизира обвинетите и ја потврдува тезата на вмровците дека поранешните функционери се гонат само поради политички реваншизам. Потребни се цврсти докази пред кои Мијалков, Камчев и Латас нема да се смеат туку ќе одговараат ако го прекршиле законот. Сè дотогаш ќе нѝ мавтаат на излегување од суд, насмеани.