Во корумпирана држава не доаѓа „Фолксваген“


АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИ

Престижниот Блумберг објави дека „Фолксваген“ и официјално ќе инвестира во Турција. Исто така, објави дека Македонија воопшто не влегла во финална фаза на одлука. Вест која речиси и да помина незабележана. Се прашувам толку ли општеството се навикна на лоши вести и неуспеси што веќе не сака да слуша за нив? Толку ли е големо разочарувањето да никој не сака да слушне уште едно? Сепак, треба и мора да се знае што се случува за да се влечат поуки за иднината и да се носат заклучоци како не треба.

А, дефинитивно не треба вака. Не треба како што оваа влада на Заев работи, односно не работи. Затоа што, како што претходно напишав на ова место, корупцијата цвета, а економијата тоне. А, треба да се знае дека деновиве „Фолксваген“ официјално објави дека својата нова голема инвестиција ќе ја отворат во Турција. Таму вложуваат фантастични една милијарда и четиристотини милиони долари, за споредба сите инвестиции во период од четири години во Македонија не можат да ја достигнат оваа бројка, отвораат над пет илјади директни работни места и уште двојно повеќе индиректни, 15 илјади семејства ќе ја најдат својата среќа, своето вработување. Ќе произведуваат над триста илјади автомобили годишно главно „пасат“ и „шкода суперб“, што сериозно ќе го зголеми бруто домашниот производ на Турција, како и девизниот прилив зашто најголем дел од нив ќе се извезуваат.

Она што е особено интересно е што во информацијата на „Фолксваген“ дадена за Блумберг се вели дека во финална фаза биле земени во предвид покрај Турција и Бугарија, Србија, Романија и Северна Африка.

Со ова „Фолксваген“ потврдува дека Македонија никогаш не влегла во финална фаза за избор, а да не зборуваме фабриката да се гради во Македонија. Така, за жал, лажеше Зоран Заев кој во јануари зборуваше дека само што не се донела одлуката, па дури и го злоупотребуваше името на канцеларката Меркел и советникот за надворешна политика Хекер. Но на лагата ѝ се кратки нозете.

И да бидеме начисто, „Фолксваген“ воопшто не ја зел предвид Македонија затоа што слушаат и знаат дека корупцијата цвета, дека фирми се рекетираат, дека им се нудат „стратешки партнери“ кои би зеле пола од фирмата за без пари, знае „Фолксваген“ дека тоне во криминал и корупција цела Влада и затоа не ни сака да размислува, а камоли да инвестира во Македонија. Затоа е потребна промена! Брзи предвремени избори по кои ќе дојде способна влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која ќе може да ги решава проблемите. Токму затоа деновиве тргнавме на терен да слушнеме што очекува и сака народот, првпат во историјата на Македонија правиме интерактивна програма, во која пред сè ќе бидат ставени барањата и проектите кои народот ќе ги побара од нас на овие средби.

ВМРО-ДПМНЕ сака да дознае со какви проблеми се соочува народот, целта е да ги дознаеме проблемите со кои се соочуваат граѓаните, нивните семејства, по улиците, во секое село, во секој град низ цела Македонија. Разговорите за „Обнова на Македонија“ имаат цел да ги погледнеме граѓаните во очи и да дознаеме со какви маки се соочуваат и да ветиме дека заедно ќе се бориме за проблемите да исчезнат или да се намалат.

Секој еден од нас да се приклучи и да помогне Македонија да се исправи пред предизвиците, да започне да се развива.

Тим од експерти од ВМРО-ДПМНЕ ќе понудат решенија на проблемите кои ќе ги детектираме, а тие решенија ќе бидат дел од нашата предизборна програма која ќе биде понудена на следните предвремени парламентарни избори.

За секој проблем ќе имаме одговор. Ќе го посетиме секое населено место во Македонија за да се сретнеме со граѓаните, да ги слушнеме нивните проблеми и заедно да креираме решенија.

Разговараме со граѓаните за сите нивни предлози и идеи за новата програма. Македонија треба да е економски силна држава, граѓаните сакаат економски стабилна држава, подобар животен стандард, подобро образование, достапно здравство, нови работни места, нови инвестиции, нови училишта, нови инфраструктурни проекти, зголемување на плати, зголемување на пензии.
Младите сакаат нови и повисоки стипендии, помали даноци, стартап-проекти, поддршка за млади брачни парови, даночни олеснувања, сакаат сигурна иднина. Младите ја гледаат Македонија како дигитализирана и напредна земја. Потребна е дигитализација, модернизација на државата. Невработеноста ги присилува младите да се иселуваат, потребни се нови работни места, нови проекти за млади. Пред сè, треба да направиме максимум да останат тука дома и да си ја видат среќата тука.
Во оваа констелација кога не гледаме одговор на овие клучни предизвици секое затскривање на владата на Заев зад крупни меѓународни процеси кои се стратегиски за Македонија е само нивна злоупотреба и нечесен однос.

Спроти самитот на лидери на Европската Унија конечно се надевам дека Македонија ќе добие датум за да отпочне преговори за членство. Тоа ќе е добро за сите. Но, за жал, морам да кажам дека најдоброто што може да го очекуваме е услови кои треба да се реализираат па дури после тоа да се преговара, т.н. датум за датум. Тие услови ќе бидат сè што оваа влада не направи – борба со корупција, одржлив систем на владеење на правото, подобрувања во економијата и политичка инклузивност и дијалог. Тие услови ќе се најдобар доказ зашто мора да има брзи предвремени избори. Да имаше капацитет оваа влада сето тоа да го испорача, ќе го испорачаше овие три години. Потребна е нова стручна и посветена влада која ќе одговори на предизвиците и ќе ја извади државата на прав пат.