Овации за словенечкиот „Амадеус“ на Александар Поповски во МНТ: Моцарт е генијален исто како на филм

Синоќа, на „Амадеус“, во преполно МНТ со убава публика, беше празник на театарот и на културата и ретка прилика на скопјани да уживаат во театарско ремек-дело


Публиката, најверојатно, „Амадеус“ повеќе го познава преку филмот на Милош Форман од 1984 година, но текстот на Питер Шафер (1926–2016), повеќекратно наградуван англиски драматург, сценарист и романописец, во себе содржи голема убавина и фалоспев на уметноста воопшто, а особено на музиката и на генијалноста. Но, „Амадеус“ во изведба на Словенечко народно гледалишче Марибор, во режија на реномираниот македонски режисер со долгогодишна меѓународна кариера, Александар Поповски, синоќа, во преполно МНТ, со убава публика, беше празник на театарот и на културата и ретка прилика на скопјани да уживаат во театарско ремек-дело.

Секојдневниот живот на Моцарт, обележан со постојани флуктуации помеѓу успехот, ентузијазмот и пропаста, за што придонесуваат и неговата турбулентна и каприциозна личност и неговото соперништво со композиторот Салиери, се споија со неговата музика, благодарејќи и на сценографскиот концепт. Драмата, низ извонреден дијалог и брилијантни драмски ситуации, на сцената како затворен круг од кутии, со врвни актерски креации и раскошни костими, придонесоа сите важни настани од животот на композиторот да станат дел од театарот и уметноста, а музиката се откриваше како вртлог и во исто време контекст на трагичните стапици што ги носи епитетот „гениј“. Публиката во еден здив ја следеше претставата со пауза измеѓу, растеретена од дрес-код на облекување , и во присуство на министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Салиери го играше бардот на словенечкото глумиште Алеш Валич. Во улогата на Моцарт, пак, настапи Жан Копривник, а неговата жена ја глуми Јулија Клавжар.

„Клучното прашање за мене беше како Моцарт размислувал за уметноста, за слободата што си ја дозволил и што ја барал. И освен тоа, како да се најде детето што секогаш било во него. Исто како кога работиш со Поповски, тоа е толку едноставно, бидејќи и тој е момче во своето срце и само треба само да се опуштиш за да се случат некои убави работи, рече на пресот, Копривник.

Во останатите улоги играа Давор Херга, Матија Стипанич, Матевж Бибер, Катарина Барбара Крњак, Софиа Тики, Тина Ројко, Ева Млакар Поштрак и Борис Каваца – глас. Во креативниот тим на претставата се Вања Магиќ – сценограф, Марита Ќопо и Миа Поповска – костимографи и Росана Хрибар – кореограф.

Поповски, наградуван режисер, за кого се бара влезница повеќе и кој импонира со своите претстави колку и со своите ставови за уметноста и за општетството, веќе осум години, со втор мандат, односно од сезоната 2018/2019, е уметнички директор во Мариборската драма при СНГ, а живее на релација Загреб- Марибор.

На пресот во МНТ, пред премиерата, посочи дека е многу среќен што се реализирало гостувањето и соработката на Словенечко народно гледалишче Марибор со МНТ.

– Среќен сум што ја направивме оваа размена, бидејќи и МНТ ќе дојде во Марибор, ќе се претстави, ќе има гостување. Се надевам дека оваа соработка ќе добие континуитет, а понатаму ќе направиме и копродукција, рече Поповски додавајќи дека Мариборската драма направила многу успешна копродукција со Југословенско драмско позориште од Белград  и Бургтеатар од Виена, која се игра веќе четири-пет години.

Македонскиот режисер во МНТ нема поставено претстава од 2012, кога ја режираше „Животот на Молиер“, за која рече дека му е многу драга, а која е единствената од стариот објект на театарот што сè уште се игра на репертоарот во новата зграда. Истакна дека секогаш кога е во Македонскиот народен театар, се чувствува емотивно бидејќи го врзуваат многу спомени, и бидејќи МНТ е простор кој многу му значи.

Покрај со претставата „Амадеус“, Словенечко народно гледалиште Марибор во МНТ, на 3 април (петок), гостува и со монодрамата „Безгрешна“, омаж на големиот и прерано починат словенечки режисер, Томаж Пандур, токму во новиот објект во МНТ, во 2016 година. Монодрамата, според драматизација и адаптација на Ливија и Томаж Пандур, е сценско остварување инспирирано од романот „Мариjиниот завет“.

Меѓународните гостувања, кои МНТ ги реализира во рамки на одбележувањето на роденденот – 81 година од постоењето на театарот, завршуваат на 4 април со претставата „Другата страна“ на Црногорското народно позориште од Подгорица, во режија на Борис Лијешевиќ.  Директорот на МНТ, Никола Кимовски, рече дека по овој повод одбрале актуелни регионални продукции и силни режисерски имиња бидејќи на македонската публика сакаат да ѝ понудат поразлична театарска естетика.

– Годинава ја степенуваме важноста на рецентни регионални продукции – претстави, кои веќе живеат активен сценски живот и носат јасен авторски став. Гостувањата не се само уметнички настан, туку огледало, во кое МНТ ја проверува сопствената позиција и капацитет да биде дел од поширокиот современ европски театарски контекст“, ќе посочи Кимовски. 

Л. Сабит