Овации и долгостоечки аплауз за актерската елита од Македонија во Народно позориште, Сараево

Викендов, на сцената на Народно позориште, Сараево, беа изведени две хит претстави на МНТ, претставата „12“ – силна и провокативна адаптација инспирирана од „12 Angry Men“ на Реџиналд Роуз, во режија на Синиша Евтимов и претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ – урнебесна комедија и едно од најзначајните дела на овој автор, во адаптација и режија на Егон Савин.
Публиката во Сараево имаше ретка привилегија да ужива во интензивна и длабоко ангажирана претстава како „12“, изведена од врвна актерска екипа составена од најзначајните имиња на македонската театарска сцена: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.
„12“ е претстава што остава силен впечаток – со длабока психолошка анализа, моќна социјална порака и актери во извонредна уметничка форма. Кулминацијата на вечерта беше долгиот и громогласен аплауз, проследен со стоечки овации – искрен израз на восхит и почит кон актерската екипа и квалитетот на македонската театарска уметност. Овој настап на Македонскиот народен театар во Сараево уште еднаш ја потврдува улогата на театарот како простор за дијалог, катарза и споделување универзални човечки вредности, надвор од границите.

И претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ – урнебесна комедија и едно од најзначајните дела на овој автор, ја освои публиката која со долги аплаузи и овации ја награди извонредната актерска екипа.
На сцената блеснаа: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (снимен глас), додека во улогата на народот/статисти настапија: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халил.
Претставата остави силен впечаток со својот хумор, ангажираност и актуелност, уште еднаш потсетувајќи зошто Нушиќ останува вечен класик.