Оваа компанија штотуку стана повредна од „Епл“


Пазарната вредност на „Нвидиа“ (NVIDIA) достигна повеќе од три билиони долари, со што американскиот производител на чипови го престигна „Епл“ (Apple) и стана втора највредна компанија во светот (која излезе на берза). Цената на акцијата вчера порасна за повеќе од пет отсто, на повеќе од 1.224 долари.

Продолжи со неверојатно брзиот пораст што започна минатата година, поттикнат од очекувањата дека „Нвидиа“ е главниот корисник на бранот инвестиции во вештачката интелигенција (ВИ). Пазарната вредност на „Нвидиа“ сега е веднаш зад „Мајкрософт“ , уште еден клучен играч во индустријата благодарение на инвестициите во OpenAI, кој е креатор на Chat GPT, пишува Би-Би-Си.

Проценета на „само“ 2 билиони долари во февруари, „Нвидиа“ предизвика нов бран на купување акции откако ги објави плановите за т.н. поделба на акциите во мај. Овој потег ќе го зголеми бројот на акции за 10 и соодветно ќе ја намали нивната вредност, а целта на промената е акциите да бидат подостапни за малите инвеститори.

Оваа поделба е закажана за петок и се очекува да создаде уште поголема побарувачка за акциите.

„Нвидиа“ е основана во 1993 година и првично беше позната по производство на компјутерски чипови кои обработуваат графика, особено за компјутерски игри. Долго пред револуцијата на вештачката интелигенција, „Нвидиа“ почна да додава функции на своите чипови кои помогнаа во машинското учење, што помогна компанијата да го зголеми својот удел на пазарот.

Денес, таа се смета за клучна компанија за да се види колку брзо технологијата со вештачка интелигенција се шири низ деловниот свет, што извршниот директор на „Нвидиа“, Џенсен Хуанг, го најави како зората на „следната индустриска револуција“.

„Нвидиа“ забележа експлозивен раст, известувајќи за продажба од 26 милијарди долари во трите месеци до 28 април – три пати повеќе отколку во истиот период во 2023 година и повеќе од 18% во однос на претходните три месеци.

Оптимизмот за вештачката интелигенција беше еден од двигателите на поширокиот пазарен собир во текот на изминатата година, туркајќи ги С&П 500 и Насдак до нови рекордни височини во средата.

На почетокот на оваа година, „Епл“ се чинеше дека ја губи пареата бидејќи растот на продажбата запре. Но, во последниве недели, нејзините акции се зголемија поради очекувањата дека планира да вклучи вештачка интелигенција во сопствената стратегија.

Акциите на „Епл“ пораснаа за 0,7%, давајќи му пазарна капитализација од околу три билиони долари, генерално пресметана со множење на бројот на акции со моменталната цена на акцијата.