ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае меѓу училиштата со инклузивна настава


Министерката Мила Царовска денеска го посети основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во населба Влае 2 во општина Карпош, каде што се изведува инклузивна настава. Задоволна е, рече, што во ова училиште, како и во голем дел од училиштата низ земјава се создаваат услови за пристап на сите ученици согласно нивните потреби.

– Тоа укажува дека ги прилагодуваме инфраструктурните објекти, создаваме услови за секое дете да го постигне својот максимален потенцијал во училиште и да премине во следното ниво на образование подготвен за сите предизвици, реле Царовска.

Во ОУ „Димо Хаџи Димов“ има три образовни асистенти кои им помагаат на ученици со попречености вклучени во редовната настава. Има и сензорна соба, како и кабинет за природни науки за учење низ пример.

 

-МОН почна со инвестирање во 265 кабинети во училиптата низ државата за да им се обезбеди на учениците да учат преку активности, рече Царовска.

Во оваа пригода таа апелираше на придржување на протоколите за да се обезбеди континуитет на наставата со физичко присуство која, нагласи таа, е најдобра за социјализацијата и менталното здравје на учениците.

Градоначалникот на Карпош Стефан Богоев изјави дека за инклузивен пристап во училишта во општината се отворени сензорни соби за полесна настава на ученици со попречености. Во сите училишта направиле и еко-училници за настава на отворено. Набавени  се и таблети кои се дел од училишни библиотеки, како и смарт-табли за четврто одделение. Соопшти и дека по локалните избори ќе биде објавен јавен повик за стипендирање талентирани основци и спортисти од буџетот на општината.

Директорката на ОУ „Димо Хаџи Димов“ Весна Кочовска изјави дека без големи пречки се реализира нставата, според план и протокол за заштита од Ковид-19, а успешно се спроведува и новата концепција за основно образование.

Во училиштето е отворен Кабинет по хемија опремен со нови материјали и средства за учениците да може практично и полесно да ја совладаат наставната содржина по природни науки. 

 

 

 

 

 

 

 

2021-09-1