Отворено писмо до јавноста од амбасадорката Кејт Брнз
Разбираме дека предлогот не е таков каков што вие би го подготвиле доколку би имале можност еднострано да ги диктирате условите – но тој го признава македонскиот јазик и идентитет и ги заштитува од понатамошни предизвици.
По францускиот лидер Емануел Макрон, до јавноста со отворено писмо денес се обрати и амбасадорката на САД, Кејт Брнз. Во него стои:
„Вашата земја достигна историски момент во своето долго и со предизвици полно патување кон нејзината евроатлантска иднина. На вашиот пат наидовте на блокади и одложувања, и се соочивте со предизвици по однос на македонскиот јазик и идентитет, кои се суштински дел од тоа што ве прави нација. Донесовте тешки одлуки со очекувања за напредок. Сега треба да донесете уште една. Токму заради предизвиците со кои се соочивте и оние со кои може да се соочите во иднина, САД ве охрабруваат да продолжите по тој пат со сегашниот предлог за пристапување во ЕУ.
Не ви треба потсетување дека низа влади и пошироката јавност две децении работеа и сеуште работат на пристапувањето кон ЕУ. Како сојузник, партнер и пријател, ние имаме реален интерес во обезбедувањето на вашата евро-атлантска иднина. Го одиме овој пат заедно од 2004 година, спроведувајќи програми и обезбедувајќи помош во реализирањето на вашите аспирации и за НАТО и за ЕУ. Ја остваривте првата аспирација. Сега сакаме да ве видиме како ги остварувате придобивките што произлегуваат од активниот процес на пристапување кон ЕУ и ги користите правата како земја членка на ЕУ.
Пристапувањето кон ЕУ ќе ја направи вашата земја посилна. Зачленувањето во меѓународна организација, уште повеќе учеството во тие процеси, е напорна работа и бара тешки одлуки. Тоа веќе го знаете. Веќе сте носеле такви одлуки. Но прифаќањето на овој предлог значи дека конечно ќе имате место на масата за пристапни преговори. Тоа ве става во истата просторија со земјите-членки на ЕУ, од кои многу се ваши блиски партнери и сојузници. Европската комисија ќе ги прима вашите тимови во Брисел и ќе испраќа свои експерти тука на терен, за да го спроведат процесот на скрининг и самите да станат сведоци на живото демократско општество овде. Откако ќе ги започнете преговорите ќе имате повеќе алатки на располагање и, благодарение на новата методологија, ран пристап до фондовите и програмите на ЕУ, кои ќе можете да ги користите за реализација на сопствените цели и изградба на иднина каква што посакувате за себе и за вашите деца. А тогаш кога ќе бидете членка на ЕУ, ќе имате еднаков глас внатре во Унијата, исто како што сега имате во НАТО.
Прашањата содржани во предлогот се технички и ви беа презентирани без многу време за јавна дебата. Разбираме дека предлогот не е таков каков што вие би го подготвиле доколку би имале можност еднострано да ги диктирате условите – но тој го признава македонскиот јазик и идентитет и ги заштитува од понатамошни предизвици. Иако можеби не е совршен, предлогот го прави она што е потребно: ги заштитува вашите клучни интереси и овозможува отпочнување преговори и динамичен процес на скрининг. Според нашето прагматично гледиште тој претставува реално најдобра можност конечно да ја придвижите вашата земја напред на патот кон ЕУ, истовремено зајакнувајќи ја вашата улога во одлучувањето за сопствената иднина.
Изборот да продолжите напред е ваша одлука како суверена нација. Знаеме дека одлуката е тешка. Но одлуката ќе остане ваша и кај вас и низ целиот пристапен процес. Кога ќе сте на преговарачката маса, и кога ќе сметате дека вашите забелешки не го добиваат потребното внимание, ќе имате можност да направите различни избори. Но, треба да го направите првиот чекор за да стасате до вториот.
Суштината на демократијата е слободата на избор. Суштината на пријателството е да ги поддржуваме одлуките на нашите пријатели и да повикаме на храброст во времиња на предизвици. Како ваш пријател, Соединетите Американски Држави се надеваат дека ќе го изберете најдоброто за вашата земја денес, а и за нејзината иднина“.