Отворено ново детско катче во Ѓорче Петров
Во Општина Ѓорче Петров денеска беше отворено ново мало катче за најмладите.
Како што нагласи на отворањето градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов идејата била да се создаде место каде децата ќе поминуваат дел од своето слободно време и кај нив од мали нозе да почнеме да се креира свест за тоа како треба да изгледа една јавна површина, да се грижат самите за неа и да ги чуваат јавните простори во кои инвестираат и Градот и општината.
Град Скопје изминатите години на повеќе локации во Карпош, Центар и Чаир, постави неколку детски едукативни просторни инсталации на тема „Во имагинарниот свет на децата“.
Шилегов изрази надеж дека ваквите инсталации што ги поставуваат екипите на Град Скопје на различни места, како и на Водно, ќе им овозможат на дечињата да поминуваат убави денови на отворено.
– Измината година на овој простор зазеленувавме, засадивме дрвја кои гледам дека одлично напредуваат. Овој дел на Општина Ѓорче Петров којшто беше запуштен сега полека, полека, го облагородуваме со цел да им овозможиме на граѓаните и на најмладите во општината да имаат место каде што ќе поминуваат пријатни моменти, изјави Шилегов.
За реализација на оваа просторната едукативната инсталација од буџетот на Град Скопје потрошени се вкупно 1,8 милиони денари со пресметан ДДВ.