Отворено инклузивно игралиште во дворот на ООУ „Љубен Лапе“ во Аеродром
Во дворот на основното училиште „Љубен Лапе“ во Општина Аеродром, во кое настава посетуваат повеќе од 1.100 ученици, денеска беше отворено инклузивно и пристапно игралиште. Тоа е осмо во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“. Финансиран е од Европската Унија и 16 месеци успешно работи во насока на суштинско вклучување на учениците со попреченост во редовните основни училишта.
Стефан Ходулин од канцеларијата на Европската Унија во земјава на отворањето на игралиштето истакна дека образованието им помага на децата да пораснат во возрасни кои знаат да се справат со предизвиците во нивниот приватен и социјален живот.
-Образованието им помага на децата да разберат дека индивидуалноста значи различност и дека сите поединци, колку и да се различни, имаат исти права и ги збогатуваат нашите општества. Целосното вклучување на децата со попреченост во редовниот училишен систем не е лесна задача, ниту во земјите на ЕУ. Резултатите варираат, исто така поради различните национални дефиниции за посебни потреби и различните традиции на училишниот систем. Сепак, политиката на ЕУ за ова е јасна: мора да се оддалечиме од сегрегираното специјално образование. Попреченоста е прашање на права, а не прашање на дискреција, рече Ходулин.
Градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски посочи дека инклузивните игралишта им нудат стимулација на учениците со попреченост и нивна вклученост во играта, што, рече тој, во суштина е најзначајно за децата.
-Со задоволство го ставаме во употреба ова игралиште и со него ја унапредуваме инклузивноста во училиштето и пристапноста на образовните програми до сите ученици, но и на општината. Многу е важно децата со посебни потреби да имаат еднакви можности за образование, спортување, учење и другарување со сите останати ученици, изјави градоначалникот на Аеродром.
Целта на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ е да им помогне на училиштата каде учат учениците со попреченост – стипендисти на Проектот, да ја подобрат својата инклузивност и пристапност. Со создавање пристапни и стимулативни средини за учење, како и висококвалитетна приспособена настава за учениците, училиштата опфатени со проектот стануваат места со еднакви можности за образование на децата, вклучувајќи ги и оние со физичка, сетилна и интелектуална попреченост.
Елена Мишиќ од Фондацијата „Чекор по чекор“ истакна дека во изминатите 16 месеци од спроведувањето на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, доделени се стипендии на 471 ученик во почетните одделенија, спроведена е обука за повеќе од 280 претставници од училиштата, опремени се осум инклузивни игралишта, пет сензорни соби, една сензорна градина и доделена е асистивна технологија во четири училишта.
-Веруваме дека со овие активности навистина ја менуваме сликата за инклузивното образование во земјава и придонесуваме кон еднаквост во образованието, но и градење инклузивно општество за сите, нагласи Мишиќ.
Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ го реализира проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ со своите партнери – Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“ и во соработка со Министерството за образование и наука.