Отворена првата спортска сала во Пинтија


Денеска, во скопската населба Пинтија пуштена е во употреба нова спортска сала, која ќе овозможи квалитетна настава по физичко образование и подобри услови за спорт и рекреација.

Со површина од 350 м², салата ќе им служи на учениците од ПОУ „Рајко Жинзифов“ и на сите млади спортски таленти од оваа населба. Го носи името на Александар Стојчев – храбриот бранител од Пинтија кој го даде својот живот за татковината во 2001 година. На овој начин, неговото име и дело остануваат трајно врежани во колективната меморија на оваа заедница. Изградбата на салата беше реализирана со поддршка од „ТИТАН Усје“.

-Денес правиме значаен чекор за Пинтија и за целата општина Кисела Вода. Со гордост ја пуштаме во употреба првата затворена спортска сала во оваа населба – простор кој ќе им овозможи на учениците од ПОУ „Рајко Жинзифов“ да имаат современи услови за физичко образование, спорт и рекреација. Овој проект е доказ за нашата посветеност на унапредување на спортската инфраструктура и создавање подобри можности за младите. Особено ми е чест што оваа сала го носи името на нашиот херој, Александар Стојчев, кој го даде својот живот за татковината во 2001 година. Неговата жртва никогаш нема да биде заборавена, а денешниот настан е и симбол на нашата почит кон неговото семејство, кое е денес тука со нас.
Со отворањето на оваа сала не само што создаваме подобри услови за младите, туку и испраќаме јасна порака – Пинтија се развива како никогаш досега!- изјави градоначалникот Ѓорѓиевски додавајќи дека Општина Кисела Вода и во претстојниот период ќе продолжи со реализација на проекти кои значат подобрување на условите и подобар животен стандард за сите граѓани.