Отворена предстечајна постапка на ДГ „Бетон“ АД Скопје, ССМ ги повика вработените да ги заштитат побарувањата 


Фото: Б. Грданоски

 

Сојузот на синдикати на Македонија ги повика вработените во ДГ „Бетон“ АД Скопје да ги заштитат своите побарувања од компанијата за која Основниот граѓански суд Скопје отвори предстечајна постапка за оваа градежна фирма. Постапката е отворена по предлог на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање – СГИП и синдикалците и работниците од ДГ Бетон АД Скопје

„На 01.11.2022 година судот донесе Решение со кое се поведува претходна постапка за испитување на условите за отварање на стечајна постапка на должникот ДГ Бетон АД Скопје“, се вели во информацијата на ССМ.

Со Решението, како што се додава, се определува општа забрана за располагање со имотот на должникот, се забранува одредување или спроведување на присилно извршување или обезбедување против должникот, се забранува исплати од сметките на должникот, се повикуваат должниците на должникот своите обврски да ги исполнуваат, итн.

Постапувајќи по предлогот за отварање на стечајна постапка, судот оценил дека во конкретниот случај се исполнети условите за поведување на стечајна постапка.

Од ССМ појаснуваат дека со вака донесеното Решение, „газдите веќе не се газди и тие сега исто како и работниците ќе треба да чекаат некој друг, во случајот привремениот стечаен управник, да им дава согласност и да одлучува место нив“, а работниците и синдикалците заедно со синдикатот СГИП при ССМ очекуваат голема ефикасност и одговорност од страна на привремениот стечаен управник и судот во постапувањето по предметот и заштита на нивните интереси како доверители.

„Апелираме сите работници и доверители во наредниот период да се приклучат кон постапката и да се информираат во Основниот граѓански суд Скопје, а синдикатот СГИП во наредните денови ќе ги информира членовите на синдикатот на кој начин да ги остварат своите побарувања од ДГ Бетон АД Скопје“, велат од ССМ.

Од ССМ потсетуваат дека работодавачот ДГ Бетон АД Скопје на работниците им должи шест неисплатени бруто плати, регрес за годишен одмор за 2021 и 2022 година, а сметките му се блокирани повеќе од 45 дена што беше и главна причина работнците своите права да ги остварат пред суд.

„Наместо оваа година во месец декември работодавачот заедно со работниците да прослави јубилеј од 75 години постоење, дочека стечај на компанијата поради лошото менаџирање и покрај сите напори на Синдикатот да се изнајде решение за состојбата во која се наоѓаат работниците“, велат од ССМ.