Отворена нова сензорна соба во средното училиште „Панче Арсовски“

Нова сензорна соба, дизајнирана според потребите средношколците со попреченост е отворена во средното училиште на град Скопје „Панче Арсовски”, со цел подобрување на инклузивноста во образовниот процес.
Оваа иницијатива, како што соопшти Град Скопје, е дел од посветеноста на градот за поттикнување инклузивна средина за учење во сите наши скопски средни училишта.
Сензорната соба во средното училиште „Панче Арсовски“, им обезбедува на учениците со попреченост удобна средина прилагодена на нивните специфични потреби, со цел подобрување на нивното образовно искуство во текот на денот и овозможува место на кое ќе се чувствуваат пријатно и безбедно.
Оваа иницијатива е дел од проектот на Град Скопје за опремување на сите 23 средни училишта во Скопјe со сензорни соби. Досега, во повеќе средни училишта веќе го реализиравме овој проект, а Градот Скопјe континуирано делува да ги прошири овие ресурси на секое средно училиште во градот со спроведување активности за учениците со попреченост. Поставувајќи ја како приоритет благосостојбата со прилагодување на просторот на нивните потреби, посветено создаваме инклузивна средина за сите средношколци, соопштија од Град Скопје.