Отворена градинка „Пролет“ во Општина Центар


Во населба Пролет во Општина Центар денеска беше отворен објект „Пролет“ на градинката „Раде Јовчевски-Корчагин“ во кој во модерни услови се згрижени 173 деца. Објектот кој се градеше неполни три години се простира на 3200 квадратни метри.  

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на отворањето истакна дека „Пролет“ е најубава градинка во целиот регион, како што рече „најмодерна, најурбана и најевропска“.

-За помалку од три години е изградена, целосно опремена и со сите потребни дозволи од Министерството за труд и социјална политика. „Пролет“ не е само објект, „Пролет“ е визија и вложување во иднината. Целосно опремен простор од 3.200 метри квадратни за 173 дечиња, модерно, безбедно, топло. Се е направено одговорно, со внимание, според сите прописи. Целосно исплатена, без кредити. Изградена е за 900 евра по квадрат, под просечната цена. Горд сум на себе, на тимот и на сите што вложија труд, време и срце, истакна Герасимовски на отворањето на градинката. 

Соопшти и за други инвестиции во општината – доградба во ОУ„Коле Неделковски”, инсталирање на системот Смарт-сити и поставени околу 5000 паметни светилки низ целата општина. 

Како што рече, „во полн ек“ е и реконструкцијата на салата „Работнички” и рокот ќе биде испочитуван.

На отворањето присуствуваше и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој за медиумите изјави дека е задоволство да се отвори објект кој ги задоволува вистинските потреби на граѓаните. 

-Децата ќе растат и ќе ги почнат првите чекори во образовниот процес во еден модерен објект по најсовремени светски стандарди. Ова покажува начин на работа кој се води од вистинска грижа за потребите на граѓаните … Со архитектонскиот дизајн праќаме и порака дека кога вистински се грижиме за Скопје, градот може и добро да изгледа – една дијаметрална спротивност од оној грд проект „Скопје 2014“ кој нема никаква функционалност, изјави Филипче.