Отворен ЗОО Парк во средното училиште „Браќа Миладиновци“
На последниот училиштен ден од 2020/2021 година, министерката за образование и наука Мила Царовска беше на отворање на ЗОО Парк во средното земјоделско-ветеринарно училиште „Браќа Миладиновци“ во Скопје, од каде што на наставниците, учениците и родителите им честиташе што сите заедно го надминале предизвикот и успешно ја завршиле учебната година.
– Ви посакувам убав распуст, кој ќе биде полн со смеа и безгрижност, и посакувам многу среќа на учениците што ќе се запишуваат во средните училишта и оние што ќе продолжат на факултетите, рече Царовска.
Посочи дека средните стручни училишта забрзано се модернизираат – инфраструктурно и од аспект на обезбедување интересна и креативна настава фокусирана на практична обука. Меѓу нив е, рече, и средното училиште „Браќа Миладиновци“ кое воведува нови содржини преку кои учениците ќе стекнуваат квалитетни компетенции и вештини.
На отворањето на ЗОО-паркот и системот аквапоника, кои од идната учебна година ќе служат за обука на учениците, Царовска додаде дека училиштето избрало интересен концепт на работа и подготовка на учениците – во рамки на самиот објект, искористувајќи ги сопствените капацитети и кадар и вложувајќи во свои работилници и места за практична обука.
– Ова училиште станува прво кое има вакви содржини, многу значајни за создавање добро подготвени генерации преку обучување во природна средина, рече министерката, додавајќи дека и МОН преку СКИЛС-проектот финансиран од Светска банка минатата година го потпомогна процесот на модернизација на училиштето, со тоа што беа набавени опрема, механизација и инструменти потребни за реализирање на практичната настава, рече Царовска.
Очекува училиштето да биде добар избор за идните средношколци зашто струките се дефицитарни, а образованието обезбедува конкурентност на пазарот на трудот.
-Мотив плус се и стипендиите за ученици кои се запишуваат во дефицитарни струки, меѓу кои е и земјоделско-ветеринарната струка. Овие ученици може да добиваат по 2.200 денари месечно за девет месеци го годината, истакна Царовска.
Во ЗОО Паркот на училиштето, кој денеска е отворен за посетители, има триесетина домашни и други видови животни: лами, носести мечиња, пони коњчиња, елени, срни, како и многу птици.
Елизабета Ангелевска, директорка на СУГС „Браќа Миладиновци“, се заблагодари на присуството на министрите за образивание и наука и за земјоделство, Мила Царовска и Арјанит Хоџа, и на градоначалниците на Скопје и на Општина Кисела Вода, Петре Шилегов и Филип Темелковски, затоа што, како што рече, на земјоделско-ветеринарната струка и треба многу промоција.
-Се надевам дека со ова претставување на нашето училиште ќе ги привлечеме учениците да се занимаваат со една благородна професија – одледување и лекување животни и одгледување растенија за исхрана на човекот и на домашните животни, рече Ангеловска која, како и Царовска, подвлече дека од лани земјоделско-ветеринарната е меѓу струките за кои учениците што ќе се запишат во прва година, а и понатаму, добиват стипендија.