Отворен првиот Велоштад кај Транспортниот центар
Во рамки на Транспортниот центар во Скопје денеска беше отворен првиот плоштад за велосипеди – Велоштад. Велоштадот покрај држачите за безбеден паркинг на велосипеди и сервисна станица за велосипеди, опфаќа и гардеробер за брзо пресоблекување, кабини за долготрајно паркирање на велосипедите, фонтана за вода за пиење и соодветна урбана опрема која дополнително го хуманизира овој простор.
– Велоштад – плоштад за велосипеди во нашиот град е овде кај Железничката станица, локација којашто заедно со Скопје Лаб од 11 понудени ја избраа токму велосипедистите. Овде отвораме првпат место каде што велосипедите ќе бидат безбедни и ќе може велосипедистите да ги остават тука и да продолжат да користат јавен транспорт или воз и да можат безбедно да се вратат со велосипед, со што овозможуваме комбинирање на урбаното движење во нашиот град, рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој заедно со амбасадорот на делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, присуствуваше на отворањето на Велоштадот.
Ова, потенцира градоначалникот на Град Скопје, е реализација на идејата да се примени принципот на мултимодалност во велосипедските политики со кои на граѓаните им се им се нуди можноста безбедно да ги паркираат своите велосипеди кај Транспортниот центар од каде што ќе можат да продолжат да користат воз, меѓуградски автобус или некој од градските и приградските автобуси на ЈСП Скопје.
Шефот на делегацијата на ЕУ, Гир истакна дека ова е еден од начините да се намали продукцијата на штетни гасови и да се овозможи почист воздух и оти тоа е во духот и на овогодинешната Европската недела на мобилност и Европска недела на спортот, чии мота се „Мобилноста со нулта емисија на гасови“ и „Биди активен“ .
Велосипедизмот и пешачењето, рече Гир, се едноставни и практични начни како ние може да помогнеме да останеме здрави и во добра форма, но во исто време и да придонесеме во исполнувањето на целите за намалена емисија на гасови.
Според информациите што ги имам, рече Гир, бројот на велосипедисти во Скопје значително е зголемен во време на коронакризата, што е добро, но во некое делови од градот е потребна и соодветна инфраструктура, унапредување на постојната и изградба на нова.
Овој плоштад за велосипеди е резултат на спроведената ревизија на велосипедски политики која Град Скопје ја спроведе со целосна поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).
На Велоштадот е исцртан и мурал, изработен со целосна поддршка на Канцеларијата на делегацијата на ЕУ во Скопје, а сервисната станица која е поставена тука е добиена ја добивме од долгогодишните вело партнери од Стопанска Банка.
Велосипедскиот паркинг со кој се урбанизира делот од Транспортниот центар е идејно решение на Теа Дамјановска и Михајло Стојановски и е поддржано од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). Делегацијата на Европска Унија го надополнува урбаното решение со мурал кој го става акцентот на важноста од достапен транспорт со нула-емисии за секого и ги поттикнува луѓето да негуваат поздрав стил на живот во текот на целата година. Муралот, финансиран од ЕУ, е дело на тројца дипломирани уметници: Сања Симоска, Сали Ертунц и Бранкица Јорданковска.