Отворен Културно-информативен центар на Македонија во Тирана


Македонската министерка за култура, Ирена Стефоска, заедно со нејзината албанска колешка, Елва Маргарити, денеска во Тирана го отворија македонскиот Културно-информативен центар во Албанија. Ова трет  културен центар на Македонија на Балканот, по оние во Софија и Истанбул.

„Искуствата од центрите во Истанбул и во Софија ѝ даваат смисла на идејата за места што нè поврзуваат и нè врзуваат. Центрите за култура имаат голема и одговорна задача – да не дозволат да се отуѓиме едни од други кога имаме многубројни причини да бидеме едни со други. Зашто, на културата границите не ѝ се познати“, рече министерката Стефоска.

Во своето обраќање Стефоска нагласи дека водени од европската идеја, силно ги артикулираме заедничките интереси кон целта – подобар живот за сите наши граѓани.

Директор на центарот е познатиот музичар Златко Ориѓански и таа му порача портите на ова културно катче да бидат секогаш отворени за сите на кои македонската култура и уметност им се на срце.

Центарот се наоѓа во непосредна близина на Градскиот парк во Тирана, локација што овозможува видливост и можност за поголема посетеност на културните настани.

Отворањето на КИЦ во Тирана се реализира со поддршка на Министерството за култура во соработка со Министерството за надворешни работи