Отворен Иноваториум – Клуб за напредни знаења и вештини
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/inovatorium-usje-titan.jpg)
Во компанијата Титан-Усје денеска беше отворен Клуб на напредни знаења и вештини – Иноваториум наменет за дополнителни активности на учениците од основни училишта од Општина Кисела Вода. Клубот опремен со технички помагала ќе функционира во соработка со Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје, а учениците ќе добиваат знаења од СТЕМ-областите (наука, технологија, инженерство и математика).
На отворањето на Клубот присуствуваше министерката за образование и наука Весна Јаневска која истакна дека дополнителните активности што учениците ќе ги практикуваат во Иноваториум ќе им помогнат во стекнувањето употребливи знаења неопходни за да успеат во технолошки напредниот свет.
-Нашите ученици недоволно време поминуваат во учење, споредено со нивните европски врсници, а ваквите иницијативи се во согласност со политиките за воведување едносменско работење секаде каде условите во основните училишта тоа го дозволуваат, истакна Јаневска и ги поздрави иницијативите на општествено одговорните компании, особено оние што се насочени кон образованието.
Сашо Јовановски, советник за образование во Општина Кисела Вода изјави дека Клубот во саботите три до четири часа го посетуваат групи од заинтересирани ученици од шесто и седмо одделение од основните училишта „Св. Климент Охридски“, „Кузман Шапкарев“ и „Рајко Жинзифов“.
-Работат со еминентни професори од Технолошко-металуршкиот факултет. Навистина им е позитивно исполнет викендот на учениците. Кога ќе завршат, се чувствуваат исполнети зашто Иноваториумот им дава еден поинаков начин на размислување, изјави претставникот од Општина Кисела Вода, додавајќи дека преговараат и со други компании за слични проекти кои, рече, ќе значат додадена вредност во образовниот систем.
Деканот на Технолошко-металуршки факултет на УКИМ, Стефан Кувенџиев, истакна дека факултетот се справува успешно со сите предизвици на новото динамично време кое, рече, бара брзо и ефикасно совладување на најновите технолошки решенија и нивна примена, не само во индустриското производство туку и во секојдневниот живот.
-Оваа активност што се реализира преку Иноваториум е од големо значење зашто уште од најраната возраст им овозможува на младите луѓе да се запознаат и да навлезат во СТЕМ-подрачјето односно нивно анимирање во запознавање на основните постулати во овие области, рече Кувенџиев.
Константинос Николаоу, главен извршен директор на Титан УСЈЕ, истакна дека отворањето на вратите на Клубот значи отворање на вратите на иновации и нови можности.
-Ова е место каде што младите луѓе ќе може да напредуваат и стекнуваат нови знаења и вештини од т.н. СТЕМ-области бидејќи идејата водилка во Титан УСЈЕ е да ги обликуваме младите луѓе и да ги надградуваме нивните знаења и вештини. Работевме напорно изминатите месеци за да ја реализираме идејата и да создадеме простор каде што младите од Општината, а се надеваме во иднина и пошироко, практично да ги применуваат знаењата надвор од класичната училница, истакна Николаоу.