Отворен Балкан: Потпишан договор за заемно признавање на дипломите
Премиерот Димитар Ковачевски, неговиот албански колега Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска на Самитот на иницијативата Отворен Балкан во Охрид потпишаа договор за соработка на Западен Балкан во областа на заемно признавање на дипломите и степените издадени од високообразовните институции и други овластени институции.
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, вицепремиерката и министерка за култура и информирање на Србија, Маја Гојковиќ и министерката за култура на Албанија Елва Маргарити, пак, потпишаа меморандум за разбирање за културна соработка.
Беа потпишани и меморандуми за разбирање за соработка во областа на туризмот и на даночните управи на Западен Балкан од страна на ресорните министри и раководители на институции. Со Меморандумот за разбирање за соработка во областа на туризмот се предвидуваат активности за заедничка промоција на регионот како атрактивна туристичка дестинација. Една од целите на Меморандумот за соработка во културата, е креирање на заеднички календар на културни настани што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе го поттикне културниот туризам. Со Меморандумот за разбирање за соработка на даночните администрации меѓу земјите од регионот, што денеска исто така беше потпишан на самитот „Отворен Балкан“ во Охрид се создаваат нови можност за полесно прекугранично движење на луѓето, стоките или услугите.