Отворен Балкан помеѓу политичките ветувања и реалните остварувања: Што велат аналитичарите

Недостигаат истражувања базирани на факти за тесните грла во соработката на потенцијалите на шесте земји во еден иден Отворен Балкан, но и на трите земји кои се веќе дел од иницијативата, велат Марјан Николов од ЦЕА и Стефан Ристовски од ЕПИ


 

Какви се до сега придобивките од иницијативата Отворен Балкан и што може да се очекува од слободното движење на луѓето, стоките, услугите и капиталот меѓу земјите од регионот? Колку тоа ќе биде од корист за сите земји кои сега се „внатре“ и за новите кои евентуално ќе пристапат , или придобивките ќе течат само во една насока? И, конечно, како оваа иницијатива може да опстојува и да се развива во контекст на други, веќе етаблирани процеси и договори, како што е Берлинскиот процес, зад кои стои габаритот на Германија како водечка европска економија и еден од моторите на ЕУ, или ЦЕФТА, договорот за слободна трговија во Централна Европа, посветен на воспоставување регионална економска област врз основа на усогласеноста со ЕУ и со цел да се намалат трошоците за трговија.

За овие, но и за други дилеми, кои се однесуваат на транспарентноста, за тесните грла во соработката во рамки на Отворен Балкан и тн., за сега нема конкретни независни анализи кои ќе се темелат на факти. „Независен“ упати десетина прашања до Центарот за економски анализи (ЦЕА) и до Институтот за европска политика (ЕПИ), од кои побара коментар на овие и други прашања, како на пример за загриженоста како иницијативата ќе се спроведува во услови на висок степен на корупција.

„Од чисто економски аспект регионалниот пристап за државите е решение за надминување на проток на добра, услуги, капитал, работна сила, идеи, иновации, иницијативи. Имајќи ја  предвид комплексноста на земјите од Западен Балкан, поблиската и подалечната историја, наивно е да се прави анализа само на економскиот аспект од регионалните иницијативи“, вели Марјан Николов од Центарот за економски анализи.

Тој потсетува дека магазинот „Економист“ излезе со кованица за Југосфера пред повеќе од десетина години преку анализа на секојдневниот живот на граѓаните на бившите ЈУ простори, но кованицата не наиде на некој посериозен политички одзив на овие простори.

„Отворен Балкан несомнено е локална иницијатива која иако родена на ‘периферијата на ЕУ’ сепак е влезена во радарот на Брисел, но, најблаго речено со скептицизам од страна на ЕУ. Интересно, ентузијазмот за иницијативата Отворен Балкан е повеќе демонстриран од САД. Оттука, домените на анализа на оваа иницијатива опфаќа најмалку три аспекти: Глобалниот аспект на интересите на САД и ЕУ; Отворен Балкан и ЕУ членството на земјите од Отворен Балкан; и Отворен Балкан и подобрување на благосостојбата на граѓаните од земјите инсајдери на Отворен Балкан (членки на Отворен Балкан) и земјите аутсајдери (оние кои не се дел од оваа иницијатива)“, вели Николов.

Процената на ЦЕА е дека додека на политичко ниво демонстрирана е политичка волја за Отворен Балкан, на административно ниво т.е. на терен, луѓето и натаму не можат да ја оценат корисноста од инцијативата: Марјан Николов

Дали може да се направат анализи кои ќе ја покажат мерливоста, односно конкретните придобивки на оваа иницијатива, но и за опасностите, како на пример одлив на квалификувана работна сила, која и онака ја има се помалку, или наплив на поконкурентни стоки на домашниот пазар и со тоа ставање во понеповолна положба на домашните компании? Односно, кои се компаративните предности или слабости на земјите од регионот, посебно на Македонија (каде што платите се на најниско ниво), како и кои се тесните грла во соработката на земјите во еден иден Отворен Балкан?

На овие прашања, Николов вели дека иницијативата секако го привлече вниманието на разни категории на чинители, па и на независните истражувачи. Сепак, процената на ЦЕА е дека додека на политичко ниво демонстрирана е политичка волја за Отворен Балкан, сѐ уште на административно ниво т.е. на терен, луѓето и натаму не можат да ја оценат корисноста од ваква инцијатива.

„Она што недостига се истражувања базирани на факти за тесните грла во соработката на потенцијалите на шесте земји во еден иден Отворен Балкан или пак само на инсајдерите – трите земји кои се веќе дел од оваа иницијатива доколку другите три земји не најдат свој интерес во оваа иницијатива“, вели Николов.

Тој посочува дека истражувачите мора да имаат на ум дека крајна цела на секоја инцијатива е благосостојбата на граѓаните, а не дали сентиментално или политички индивидуално сме или не сме за некоја регионална иницијатива.

„Во секој случај, потребно е да се направи анализа базирана на факти за тоа кои би биле придобивките од оваа иницијатива. Досега овие земји бараа увозен кредибилитет или од Брисел или од САД за некоја политика, иницијатива, замисла. Отворен Балкан е ‘домашна’, а кредибилитетот треба да се заработи. Дали потребата од оваа иницијатива е оправдана е легитимен предмет на ex-ante истражување и оценка на неколку сценарија во врска со шесте земји од Западен Балкан. Таква е замислата на ЦЕА зад проектот за оценка и насочување на потенцијалите на иницијативата за Отворен Балкан“, вели Николов, додавајќи дека и покрај завидните ПР перформанси, Отворен Балкан нема некоја посебна структура за вертикално да ја насочи иницијативата и визијата на трите лидери кон законодавната и извршната власт.

„Иницијативата треба да се насочи вертикално низ административните коридори на земјите членки за да допре до граѓаните“, вели Николов.

Во вторник во Тирана, на заедничка маса ќе седнат лидерите на земјите до Западен Балкан со високи претставници на Европската унија во уште еден обид да го придвижат регионот кон ЕУ. Ова е прв пат да се одржи таков состанок на високо ниво по руската инвазија врз Украина, па ќе биде интересно да се види какви ќе бидат пораките, но и конкретната поддршка, која што за сите земји од регионот е важна, за да можат да се приближат кон стандардите на ЕУ. Дали во рамките на овој самит ќе има место и за идеите од Отворен Балкан, останува да се види, до толку повеќе што отпорите кај дел од балканските лидери за иницијативата се големи. Тоа се однесува пред сѐ на Косово, како и на дел од политичарите во Црна Гора. Така, црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ оцени дека воведувањето на таа земја во Отворениот Балкан би било „еднакво на ново велепредавство“, потенцирајќи дека „Отворен Балкан го започнаа луѓе кои ја изгубија довербата во реалноста на европската перспектива за нивните земји“ и дека подразбира соработка според балканските стандарди.

Од друга страна, уште при промовирањето на Отворен Балкан, акцентот беше ставен врз активности за полесно движење на луѓе и стоки, олеснување на инвестициите, престојот и признавањето на квалификациите, како и подобрување на билатералните односи. Зошто тоа би било проблем, особено што нејзините промотори нагласуваат дека иницијативата ќе се одвива паралелно со Берлинскиот процес, па дури и ќе ја зајакне соработката.

„Отворен Балкан беше најавена како иницијатива која ќе ја забрза имплементацијата на четирите слободи кои го поставуваат единствениот пазар на ЕУ. Како таква, несомнено осцилира во тематските рамки на Берлинскиот процес, особено Акцискиот план за заеднички пазар на Западен Балкан. Овие процеси може да бидат компатибилни сѐ додека либерализацијата на пазарите (за стоки, услуги, капитал и труд) се темели на правилата на ЕУ“, вели Стефан Ристовски, истражувач во Институтот за европска политика (ЕПИ).

Тој додава дека до сега нема индикација дека Отворен Балкан застранува од оваа траекторија, но важно е како ќе продолжи реализацијата на преземените обврски.

„Нивото на подготвеност за имплементација на европските правила за четирите слободи е различно за секоја земја учесничка, па важно е да не се избрзува во насока на исполнување на политички ветувања. Тоа може да биде контра продуктивно“, вели Ристовски.

Тој посочува дека покрај економската димензија, регионалните иницијативи имаат и за цел да промовираат добрососедски односи и помирување помеѓу земјите во регионот преку соработка. Тука Отворен Балкан има видлив недостаток – со само три од шест земји од регионот има помал од и онака ограничениот потенцијал на понатамошна економска интеграција. Разликите и несогласувањата помеѓу земјите од регионот се токму помеѓу земјите учеснички и оние кои не учествуваат во иницијативата, па така тешко може да придонесе кон втората цел на овој проект. Договорите за мобилност кои беа во ноември во Берлин се пример дека постои начин и волја за меѓусебна соработка помеѓу сите шест земји од регионот, смета Ристовски.

Ристовски нагласува дека ниту една од иницијативите за регионална интеграција не може во целост да ги подготви државите од регионот за членство во ЕУ.

„Европското законодавство е многу пообемно и опфаќа повеќе области од она што е опсег на Берлинскиот процес или на иницијативата Отворен Балкан. Затоа важно е да постои синергија помеѓу различните иницијативи со процесот на европска интеграција и обврските кои произлегуваат од меѓународните договори како ЦЕФТА, Транспортната и Енергетската заедница. Секоја од државите треба да испорачаат резултати на домашен план, особено во области кои се третираат во кластерот Темели, а ќе го диктираат темпото на пристапните преговори (владеење на право, демократија, човекови права, правосудство итн)“, вели Ристовски.

Ниту една од иницијативите за регионална интеграција не може во целост да ги подготви државите од регионот за членство во ЕУ. Затоа важно е да постои синергија помеѓу различните иницијативи со процесот на европска интеграција: Стефан Ристовски

Запрашан како ја оценува досегашната динамика на иницијативата и што треба да се направи таа да се забрза Ристовски вели дека Пандемијата предизвикана од КОВИД – 19 значајно влијаеше кон одложување на активностите на иницијативата Отворен Балкан.

„Новото нормално за инцијативата, пак, значеше забрзана реализација на зацртана агенда – шест меморандуми и седум договори беа потпишани во изминатите две години. Меѓутоа, нивната имплементација е се уште во рана фаза. Првиот чекор е секако ратификација на договорите во сите три земји. Понатаму, државните институции задолжени за нивна имплементација треба да бидат подготвени (и технички и административно) за прекуграничното движење на луѓе, стоки и услуги да биде полесно и (по)слободно, односно со помали ограничувања“, вели Ристовски.

На забелешките на аналитичари дека во услови на висок степен на корупција и ниско ниво на владеење на правото постои опасност актуелните состојби дополнително да се влошат, односно да се регионализираат, како и за недоволната транспарентност на процесот, Ристовски вели дека за жал, според нивните сознанија досега не е изработен ниту еден преглед на реализираните активности од основањето на иницијативата до денес.

„Иницијативата сама по себе нема централизиран механизми за следење на имплементација на обврските кои произлегуваат од договорите и меморандумите за соработка. Секој од овие документи предвидува некоја форма на мултилатерално тело (работна група/комитет/комисија) кои меѓу другото се задолжени да ја следат нивната имплементацијата и кои можат да придонесат кон поголема транспарентност“, вели тој.

Осврнувајќи се на потребата од анализи кои ќе ја покажат мерливоста, односно конкретните придобивки на оваа иницијатива, Ристовски вели дека со оглед на тоа што иницијативата Отворен Балкан е релативно нова, може да се рече дека е очекувано анализите за придобивките и слабостите да доцнат.

„За жал, овој начин на дејствување може да се сретне кога станува збор и за други регионалните иницијативи за Западен Балкан, односно не е карактеристичен само за оваа иницијатива. Без соодветна анализа за потребните ресурси и преференциите на вклучените страни, постои можност за превид во однос на предизвиците со кои ќе се соочи дадена иницијатива, а ризиците да не се реализираат планираните активности, би биле поголеми“, вели Ристовски.

Тој додава дека постојат повеќе студии кои покажуваат на генерално позитивен ефекти од регионалната соработка, вклучително и од меѓународните трговски договори.

„Секако, отворањето на границите ќе донесе предности, но и загуби за различни чинители од државите учеснички – дали е тоа одлив на работна сила или полесен пристап на домашни пазари за поконкурентни производители и даватели на услуги од други земји. Но, овој процес е веќе започнат, а со оглед на амбициите за членство во ЕУ – слободното движење ќе биде реалност. Затоа е важно за секоја од државите да имаат добра проценка а потоа и соодветен одговор на структурните промени кои ќе дојдат од понатамошна интеграција со пазарите од регионот, но и во насока на процесот на пристапување кон ЕУ“, вели Ристовски, кој очекува во наредниот период да бидат објавени и анализи кои ќе се занимаваат со Отворен Балкан и ќе одговорат на дилемите кои ги отвори оваа иницијативата.