Отворен Балкан може да придонесе за зголемување на БДП, но и за одлив на работната сила

Иницијативата ОБ не понуди идеи за проекти за регионална економска интеграција, односно се заснова на активности кои се договорени во рамки на Заедничкиот регионален пазар, се посочува во студии кои ги објавува ЦЕА


Иницијативата Отворен Балкан (ИОБ), која за сега функционира меѓу три од шесте држави во регионот, може да придонесе за зголемување на домашниот бруто производ, да ги забрза структурните реформи, да го развие туризмот и да овозможи поевтин увоз на електрична енергија, но истовремено, е голема закана за одлив на и онака дефицитарната работна сила. Исто така, овозможува и поголем прилив на странски директни инвестиции, иако, опасноста е некоја од земјите да остане со „куси ракави“ на сметка на друга која би „го собрала кајмакот“. Од друга страна, како што се посочува во студии посветени на Иницијативата Отворен Балкан, кои ќе ги издаде Центарот за економски анализи (ЦЕА), ИОБ „не понуди идеи за проекти за регионална економска интеграција“, односно „се заснова на активности кои се договорени во рамките на Заедничкиот регионален пазар (CRM) и резултатите, барем на техничко ниво, кои произлегуваат од ЦЕФТА“.

Слични според економската структура и ресурсите со кои располагаат, а сепак, со евидентна нерамнотежа според големината, особено на една од економиите во регионот на Западен Балкан и нејзината економска моќ во однос на другите. Податоците во студиите покажуваат дека економијата на Србија според нивото на домашниот бруто производ е поголема не само од БДП на Албанија и на Македонија заедно, туку и на сите други пет земји од Западен Балкан, (покрај Македонија и Албанија, на Црна Гора, БиХ, и на Косово). БДП на Србија во 2020 година изнесуваше 60,4 милијарди долари, а на Македонија беше 12,4 милијарди, на Албанија 14,6 милијарди, на БиХ 19,5 милијарди, на Црна Гора, 4,9 милијарди и на Косово 6,7 милијарди долари.
„Тоа секогаш претставува проблем во меѓународните економски интеграции“, се вели во една од анализите.

Двете студии ги анализираат придобивките, но и слабостите од Иницијативата Отворен Балкан. Односно, дали трите земји (Македонија, Албанија и Србија) кои за сега се дел од оваа регионална иницијатива ќе имаат повеќе придобивки, или пак, постојните ризици, како одлив на работна сила и на странски директни инвестиции дополнително ќе се засилат? Што ќе се промени доколку (не) се приклучат и другите три земји од регионот (Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово), и колку оваа иницијатива се преклопува со слични на неа, пред се со Берлинскиот процес, кој во последно време добива на динамика поттурнат од Германија.

Ова се само некои од прашањата на кои преку детална анализа се нудат и препораки во двете студии во издание на Центарот за економски анализи, а поддржани од Фондацијата Отворено општество преку проектот „Оценка и насочување на потенцијалите на Иницијативата Отворен Балкан“, имплементиран од ЦЕА. 

Едната студија под наслов „Отворен Балкан, Берлинскиот процес и правото на Европската унија (ACQUIS)“ го анализира и оценува насочувањето на потенцијалите на иницијативата Отворен Балкан, а ја изработија м-р Стефан Ристовски и д-р Симонида Кацарска, додека другата, „Економските ефекти од иницијативата Отворен Балкан“ го анализира насочувањето на потенцијалите , а ја изработи д-р Ванчо Узунов.

Има ли разлика меѓу ИОБ и Берлинскиот процес

Во заклучоците и главните пораки кои што ги посочуваат Ристовски и Кацарска, меѓу другото се вели дека ИОБ потекнува од државите во регионот, со што иницијативата се смета за иновативна.
„Во рамки на иницијативата се предложени решенија кои се од интерес на чинителите во државите учеснички. Реализацијата на предложените активности во поглед на пазарна либерализација за стоки, услуги и работници треба да ги намали трошоците и времето на чекање на фирмите и луѓето кои преминуваат граници и тргуваат со соседните држави“, велат Ристовски и Кацарска додавајќи дека иницијативата ги постави темелите на проширување на регионалната соработка преку заеднички активности кои поттикнуваат мобилност на граѓани и професионалци во секторски области како што е туризмот и аудиовизуелните услуги.
„Освен тоа што нудат економски придобивки за државите учеснички, овие активности може да помогнат и во градење на доверба и разбирање помеѓу граѓаните на потписничките“, велат авторите.

Сепак, како што посочуваат ИОБ засега не понуди идеи за проекти за регионална економска интеграција, како и дека има свои структури кои може да ги зголемат трошоците за координација и да отворат простор за политички опортунизам кој инаку би бил избегнат. Од друга страна, пак, проектот за регионална економска соработка во поширока смисла се соочува со политички опструкции и нуди релевантни аргументи за (не)засегнатите страни да бараат други начини за соработка, се додава во студијата.
Авторите исто така посочуваат дека моменталната состојба во рамките на ИОБ, со само три држави, го намалува (веќе ограничениот) потенцијал на проектот за регионална економска интеграција.

„Ќе може да се рече дека е искористен целиот потенцијал на иницијативата само доколку иницијативата ги вклучи сите шест држави од Западен Балкан на инклузивен начин, со изводливи цели и добро-дефиниран патоказ, којшто го водат и го контролираат регионалните актери и поддржуваат меѓународните партнери, особено ЕУ“, наведуваат Ристовски и Кацарска.

Зборувајќи Иницијативата Отворен Балкан и Берлинскиот процес, тие велат дека е тешко да се направи јасна разлика помеѓу двете иницијативи затоа што и едната и другата постојано се менуваат.

„Со оглед на тоа, би било добро да се воспостават критериуми за набљудување на двете иницијативи за да се проценат сличностите и разликите, но и потенцијалот на двете иницијативи коишто имаат слични агенди и слични идеи за тоа како да се решат проблемите кои ни претстојат“, велат тие, потсетувајќи на петте предизвици коишто го ограничуваат потенцијалот на структурите за регионална соработка: јасна дефиниција за опфатот на регионот, улогата на меѓународните организации, дефинирање на проблемите и интересите во регионот и оние на меѓународните партнери, структура на управување и залагање и потенцијалот за развој на тие структури.

„Кога ќе се погледне пошироко, визијата на ИОБ за пазарна либерализација оди чекор понапред од Заедничкиот регионален пазар (CRM) во рамките на Берлинскиот процес. ИОБ ветува отворени граници и потполна слобода во движење во регионот. Но, таа цел се уште не е остварена на терен. Ниту заедничките декларации, заклучоци од самитите, меморандумите и договорите не ги дефинираат чекорите како оваа визија треба да се спроведе во блиска иднина“, велат Ристовски и Кацарска.

Тие исто така предупредуваат дека укинување на граничните контроли за да се исполнат политичките ветувања, во отсуство на цврсти закони и безбедносни системи, може да поттикне незаконска трговија, што само ќе ги усложни постоечките проблеми со организиран криминал и ќе ја наруши сликата за државите.

Од друга страна, Заедничкиот регионален пазар (CRM), пак, е означен како катализатор за регионална економска интеграција и скалило кон Единствениот европски пазар, со што се избегнуваат површните и нереални ветувања.

„Подлабинско навлегување во плановите во рамките на иницијативите открива очигледно поклопување во областа на четирите слободи. Со право може да се каже дека ИОБ ги има соберено јаготките од тортата наречена Заеднички регионален пазар (CRM) и ги има поставено меѓу главните приоритети на својата агенда, додека некои други ги има изоставено. Ваквиот пристап може да се објасни од три различни гледишта. Првин, шесте држави на Западен Балкан (WB6) бележат различно ниво на подготвеност, но и различно темпо на напредок во усвојувањето и имплементацијата на важните закони на ЕУ. Тоа им овозможува на предводниците во одредени области да ги либерализираат пазарите според правилата на ЕУ побрзо од останатите“, посочуваат Ристовски и Кацарска.

Србија во поповолна ситуација

Професорот Узунов во анализата посветена на економските аспекти на ИОБ, ги посочува јаките и слабите страни на земјите учеснички.

„Не изненадува тоа што Србија има повеќе јаки страни кои се поодржливи: обемот на економијата, прилив и уделот на СДИ, конкурентност на извозот, фактот дека таа е вториот најважен трговски партнер и за Албанија и за Северна Македонија, подготвеноста на ИКТ, повисоки просечни плати, итн. Јаките страни на Албанија се потпираат на земјоделското производство и земјоделскиот извоз, како и брзо растечкиот туристички сектор. Јаките страни на Северна Македонија се отвореноста на економијата и нејзината конкурентност во однос на Албанија“, вели Узунов.

Од друга страна, кај слабостите, ситуацијата е обратна – Србија има една забележителна слабост (недостаток од работна сила, особено во одредени сектори и одредени вештини), додека слабостите на Албанија се помала подготвеност со ИКТ, помала трговска отвореност, помали индекси за производни капацитети, помала конкурентност на извозот и пониски просечни плати (што значи помала привлечност за прилив на работна сила од останатите две држави што се дел од ИОБ) и слабостите на Северна Македонија се недоволно работна сила, особено во одредени сектори и/или со одредени вештини, пониски индикатори за лесна прекугранична трговска размена во однос на останатите две држави, но и пониска конкурентност на извозот во однос на Србија.

Тој наведува дека договорите и меморандумите за соработка во рамките на ИОБ создаваат одредени можности за трите држави.

„Без да се навлегува во „сценарија на победници и губитници“ и без квантификација, всушност сите држави членки на ИОБ имаат можност за добивка“, вели Узунов, посочувајќи дека тоа се можноста за побрз развој на БДП, побрз развој и на извозот и на увозот на стоки и услуги, поголем прилив на СДИ, искористување на можностите за поврзување на локалните фирми со СДИ во останатите две држави, прилив на работна сила од останатите држави (тоа особено се однесува на прилив на работна сила во Србија од Северна Македонија, но помалку од Албанија), можност за побрз раст на туризмот (особено во случајот со Албанија), како и можности за брзи структурни реформи.

„Секако, за да се искористат можните придобивки, и Албанија и Северна Македонија мора да се потрудат повеќе околу реформите во областа на образовните и здравствените системи, системот за социјална правда, даночната реформа итн. Покрај тоа, со оглед на моменталната криза, ИОБ може да донесе можности за наоѓање/создавање поевтини решенија за можниот недостиг од енергенси и скапи прехранбени производи“, вели Узунов.

Во однос на потенцијалните закани за земјите во рамки на Отворен Балкан Узунов вели дека „често се случува неискористените можности и прилики да претставуваат закани“.
„И за Албанија и за Северна Македонија најголемата закана во поглед на потпишаните договори и меморандуми за соработка во рамките на ИОБ се можниот одлив на работна сила (поради преселба во Србија во потрага по повисоки плати). За да се избегнат ваквите закани, двете држави треба да вложат повеќе напори во реформите за да ги зголемат платите, но на одржлив начин (преку раст на продуктивноста, а не со административно зголемување на платите). Уште една можна закана за сите три држави е потенцијалниот одлив на СДИ (префрлање на СДИ во други држави)“, вели Узунов.
Според него, за државите кои не се дел од ИОБ, оваа анализа дава многу јасна порака: доколку во регион, каков што е ЗБ, некои држави се втурнат во реформи за олеснување и либерализација на трговијата и проток на работна сила, економиите кои заостануваат нема да ги почувствуваат придобивките; само може да изгубат, иако најверојатно не многу.

„Со оглед на тоа, приклучувањето кон иницијативата за олеснување и либерализација на трговија и проток на работна сила е најпосакуваното и најефикасно решение“, вели тој додавајќи дека регионот на Западен Балкан е многу специфичен, односно иако државите се слични според економска структура, ресурсите со кои располагаат, и припаѓаат на истата група држави со среден приход, сепак не постои рамнотежа во рамки на регионот. Односно една држава е со големина (и економска моќ) како останатите пет држави, но и поразвиена во споредба со останатите држави, што секогаш претставува проблем во меѓународните (економски) интеграции.

„Главната порака на оваа анализа е: на регионот му е потребна една иницијатива за регионална економска интеграција. Веројатно би било најдобро да се спојат двете постоечки иницијативи – Берлинскиот процес и иницијативата Отворен Балкан“, заклучува Узунов. (М.Ј)