Отворен 11. Киненова, „Златна грива“ за Емин Алпер за придонес во светската филмска уметност
Со проекцијата на филмот „Три недели потоа“ и врачувањето на наградата „Златна грива“ на турскиот режисер, сценарист, актер и историчар Емин Алпер, синоќа беше отворено 11. издание на Меѓународниот филмски фестивал Киненова. Алпер, кој е годинешен лауреат за особен придонес во светската филмска уметност, изрази благодарност до фестивалот што го одржува филмот како уметност и ја чува кино-културата во живот.
На свеченото отворање присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, градоначалничката на Кисела Вода Бети Стаменкоска-Трајкоска, актери, режисери, филмски работници и бројни љубители на филмската уметност.
Директорот на Киненова, Небојша Јовановиќ, истакна дека годинашната програма ја носи публиката низ светската филмска продукција, со најнови приказни од различни меридијани, и посочи дека фестивалот има најсилна селекција досега.
– Оваа година ве водиме во океанот на светската филмска продукција и ви ги откриваме најновите филмски приказни од различни меридијани. Селекцијата на филмови која ќе ја погледнете низ фестивалските денови е работена по три главни дијагонали. Како човек кој верува во универзалноста на човековите права и во нивното еднакво почитување насекаде во светот, чувствував потреба да ги пронајдеме најсмелите, најбунтовните и најбескомпромисните авторски гласови во современата светска кинематографија – рече Јовановиќ.

Тој посочи дека посебно внимание е посветено и на синеастичната естетика и моќта на филмот преку сликата, светлината, звукот и тишината да создаде искуство што другите уметнички медиуми не можат да го понудат на ист начин.
– Да продолжиме да гледаме. Да продолжиме да прашуваме. И, пред сè, да не престанеме да веруваме во моќта на филмските приказни. Да го славиме добриот филм и искрените филмски авторски гласови – порача директорот на фестивалот.
Примајќи ја наградата „Златна грива“, Алпер се заблагодари за признанието и истакна дека Киненова ја слави филмската уметност како универзален јазик, отворајќи простор за нови автори, гласови и начини на изразување надвор од мејнстримот.
– За мене, филмот отсекогаш бил начин да се разберат луѓето, нивните стравови, нивните желби и општествата во кои живееме. И верувам дека филмот е најдобар кога ни овозможува да го погледнеме светот од перспектива на друга личност. Верувам дека филмската уметност не е само начин на раскажување приказни. Тоа е исто така начин на преиспитување на светот во кој живееме – рече Алпер.
Тој оцени дека во време кога омразата, национализмот, нетолеранцијата и политичката поларизација стануваат сè помоќни, филмот треба да остане простор за сомнеж, имагинација и емпатија.
– Тој не може само да го промени светот. Но, може да нè натера да го гледаме светот поинаку. Може да им даде глас на оние кои се игнорирани, да ги предизвика моќните и да нè потсети дека секогаш постои друг начин на гледање на работите – истакна турскиот режисер.
Алпер изрази благодарност до Киненова и до сите што ги поддржале неговите филмови, посочувајќи дека за него особено значење има тоа што фестивалот ја одржува филмската уметност и кино-културата во живот.

Дел од свеченото отворање беа и децата од основните училишта во Кисела Вода, кои учествуваа на филмската работилница „Снимај паметно, остави трага“, под менторство на режисерката Марија Џиџева. Тие се претставија пред публиката и ги прикажаа филмовите што ги изработиле во рамки на работилницата.
Градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, посочи дека работилницата е пример како филмот може да се претвори во моќна алатка за обединување, емпатија и разбирање. Таа го скрати својот говор, нагласувајќи дека како професорка, градоначалничка и мајка сака да ја поддржи светлината на децата и таа да биде уште посилна.
За наградите на 11. издание на Киненова ќе одлучува меѓународно жири во состав Емин Алпер, како претседател, документаристката и професорка по филмска монтажа Александра Марковиќ и филмскиот режисер Гоце Цветановски, кој е афирмиран и во областа на анимацијата. Членовите на жирито на отворањето изразија задоволство што се дел од фестивалот и што ќе имаат можност да гледаат и да разговараат за филмовите.
Фестивалот за отворен го прогласи режисерот Мирослав Терзиќ, чиј филм „Три недели потоа“ ја отвори фестивалската програма. Терзиќ на македонски јазик им се обрати на присутните, посакувајќи им добри филмови и убави разговори.
– Голема чест за мене е да го отворам фестивалот Киненова. Кога размислував на кој јазик да го отворам, тоа требаше да изгледа некако вака: Ви благодарам што ме поканивте на фестивалот, благодарам на поканата и ви посакувам добри филмови и убави разговори. Фестивалот Киненова е отворен! – рече Терзиќ.с