Отворање на изложбата „ПРЕДИЗВИК: Иновацијата на италијанскиот дизајн во спортот“


Во организација на Амбасадата на Италија во Скопјe денеска напладне во Националната Галерија Мала Станица во Скопје ќе биде отворена изложбата „ПРЕДИЗВИК: Иновацијата на италијанскиот дизајн во спортот“ (LA SFIDA: L’Innovazione del design italiano nello sport).

– Изложбата нуди совршен приказ на динамичниот спој на спортот, технологијата и креативноста прикажана преку извонредноста на италијанскиот индустриски дизајн и на брендот „Произведено во Италија“. Курирана од ADI – Здружението за индустриски дизајн – и промовирана од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка (MAECI), изложбата ПРЕДИЗВИК е визуелно патување низ децении на италијански иновации во спортот. Од 1960-тите до денес, изложбата претставува инвентивни, високотехнолошки решенија дизајнирани да ги подобрат атлетските перформанси и искуствата на корисниците – сите водени од креативност, инженерство, прецизност и длабока посветеност на деталите, велат од Италијанската амбасада во Скопје.

Со долгогодишна традиција на квалитет, италијанскиот дизајн, нагласуваат, остави траен белег врз естетиката, функционалноста и безбедноста на спортската опрема.

-Изложбата се отвора со иконски парчиња кои ја одбележале спортската историја и колективната имагинација на Италија, вклучувајќи ги легендарните „Moon Boots“, инспирирани од обувките на астронаутите и претворени во глобален моден симбол, иконските фудбалски копачки на Роберто Баџо, велосипедот „Пинарело“, конструиран за да ги собори олимписките рекорди, ергономски столчиња за видео-игри, како и високо-перформансни скијачки одела, паметни кациги, лизгалки, едра и најсовремени прототипови на спортска опрема, нагласуваат од Амбасадата.

Меѓународната изложба која веќе била претставена во Талин,  ќе биде отворена за јавноста од 8 до 18 мај 2025 година, во Национална Галерија „Мала станица“. Влезот, додаваат од Амбасадата, е бесплатен и изложбата е отворена за сите – наменета за љубителите на спортот, студентите, професионалците за дизајн и за сите љубопитните умови желни да ја доживеат оваа прослава на италијанската креативност во акција.