Отворање на изложба „Небоглед“ во МКЦ на Татјана Ристовска и Борче Богоевски
„Небоглед “ е насловот на заедничката изложба на Татјана Ристовска и Борче Богоевски каде ке го претстават својот најнов концепт, материјализиран во дела изработени во различни медиуми, слики и скулптури. Структурата на сите ликовни елементи кои ја градат идејата во заедничкиот проект во себе содржи една поврзувачка природа, и тоа на начин каде што се сретнуваат дијалектичките процеси на различните искуства на авторите преточени во едно универзално искуство. Тие искуства и различни сензибилитети преку ликовниот израз имаат намера да визуелизираат сегментирани внатрешни духовни содржини испреплетени помеѓу уметноста и животот, личното и општото, помеѓу сеќавањата, доживувањата и емоциите.
Татјана Ристовска е родена 1981 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 2007 година, на педагошки отсек, со насока вајарство во класата на проф. Станко Павлески, каде се здобила со Награда за најдобар студент на генерацијата 2001-2005год на Факултетот за ликовни уметности, педагошки оддел. За време на студиите работела како студент-демонстратор по вајарство на Педагошкиот оддел при Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во 2009 година е една од основачите на уметничката група и уметнички простор Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т.во Скопје. Во 2012 во соработка со шест колешки ја основа уметничката група МОМИ со која реализираат голем број на изложби. Во нејзиниот творечки опус има учествувано на бројни групни и две самостојни изложби меѓу кои позначајни се:”Отсликани Дистанци”, Центар за современи уметности, Куршумли Ан, Скопје (2007), Множество Божество Рождество, Белград, Србија(2013), Табу, Сплит, Хрватска(2013),Resist What?, Загреб, Хрватска(2014); “Нест”, Музеј на град Скопје (Графичко студио), Скопје (2018).
Во 2013, заедно со Борче Богоевски е основач на брендот КЕРАКАМИКА и истоименото студио за изработка на керамички уметнички предмети и производи, каде редовно одржува работилници за деца и возрасни од областа на керамиката.
Борче Богоевски е роден во 1981 година во Скопје. Дипломира во 2007 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек сликарство со насока конзервација и реставрација во класата на проф. м-р Благоја Маневски. Тој е еден од основачите на уметничката група и уметнички простор Art I.N.S.T.I.T.U. Скопје (2009-2011) каде учествува во два проекта: „Обид 0“ Културен Центар АРТ И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. Скопје 2009. „Let`s Fuck Them With Purple“ Културен Центар АРТ И.Н.С.Т.И.Т.У.Т.2009 Скопје. Во 2017 година станува член на Друштвото на Ликовни Уметници во Македонија. Неговите дела се претставувани на бројни групни и шест самостојни изложби како што се: 2023- ,,Небоглед’’ – МКЦ Младински Културен Центар Скопје-Куратор Горјан Ѓорѓиев, 2016,,Ezotera Aesthetic’’- FLUX галерија Скопје, 2015- ,,Хетимасијa’’- Галерија ФЛУ- Факултет за ликовни уметности Скопје, 2011- ,,Девет порти’’- Музеј на град Скопје, 2008- ,,Глас на хоризонтот’’ – Музеј на град Скопје, 2006- ,,Континуитет во ритам’’ – Младински Културен Центар Скопјe .
Во неговата уметничка практика инкорпорира длабоки езотериски кодови преку чија визуелизација ни ја доближува неговата постојана потрага по вистинската суштина на постоењето. Работи во повеќе сликарски техники и медиуми.
Отворањето на изложбата е закажано за 2 октомври (понеделник) во Галеријата МКЦ во 20 часот, а истата ќе биде отворена за посетителите до 16 октомври.