Отстранети над 130 кубни метри кабаст отпад и повеќе од 700 стари гуми од територијата на општина Ѓорче Петров

Во рамки на тековната акција за отстранување на кабаст отпад и еколошки ризични материјали, од територијата на општина Ѓорче Петров веќе се собрани и безбедно транспортирани над 130 м³ кабаст отпад и повеќе од 700 стари гуми.
„Отпадот е депониран на соодветна локација – депонијата Дрисла, во согласност со еколошките стандарди. Акцијата опфати повеќе локации, вклучувајќи јавни површини, улици, паркови и диви депонии. Целта е да се елиминираат изворите на загадување и да се унапреди квалитетот на животната средина за жителите на општината. Оваа операција е резултат на добро планирање и навремена организација, ефикасна координација меѓу надлежните служби и активно учество и соработка со граѓаните“, се вели во соопштението на општината.
Општина Ѓорче Петров упатува благодарност до сите граѓани кои се вклучија во акцијата и ги повикува сите жители да продолжат со одговорно постапување кон отпадот и зачувување на јавниот простор. Граѓаните се уште имаат можност да го одложат кабастиот отпад на означените локации. Акцијата трае до 21 мај.