Отстранета последната пречка за рускиот гасовод во Балтичкото Море


Данска во средата даде дозвола за гасоводот „Северен поток 2“ отстранувајќи ја последната голема пречка за да се заврши проектот предводен од Русија, за кој има поделено мислење во ЕУ.

Данската дозвола беше последната што беше потребна за гасоводот долг 1.230 километри од Русија до Германија. Соединетите Држави и неколку источноевропски, нордиски и балтички земји изразија загриженост дека проектот, предводен од државната компанија „Гаспром“, ќе ја зголеми зависноста на Европа од рускиот гас.

Американскиот претседател Доналд Трамп е особено гласен критичар предупредувајќи дека гасоводот може да ја претвори Германија во „заложник на Русија“.

Според првичниот распоред, „Северен поток 2“ треба да биде ставен во функција до крајот на оваа година, кога истекува договорот за транзит на рускиот гас преку Украина, главната рута за извоз во Европа.

ЕУ ги повика Москва и Киев да постигнат нов договор пред 31 декември, но има голем број пречки, меѓу кои и политичкиот спор меѓу Киев и Москва, и проруските бунтови во источна Украина и судски спорови меѓу рускиот снабдувач на гас „Гаспром“ и украинската енергетска компанија „Нафтогас“.

Германија исто така соопшти дека „Северен поток 2“ ќе биде лансиран само доколку „Гаспром“ продолжи и да транзитира гас и преку Украина.

Портпарол рече дека конзорциумот за „Северен поток 2“, во кој се вклучени германските „Унипер“ и „Винтершал ДЕА“, англо-холандскиот „Шел“, австрискиот ОМВ и францускиот „Енџи“, ќе работат на завршување на проектот „во наредните месеци“, но одби да наведе временска рамка.

Повеќе од 87 отсто од „Северен поток 2“ се изградени, но апликациите со данските власти да постават цевки под дански води се во чекање од април 2017 година.

„Задоволни сме што добивме согласност од Данска за изградба на гасоводот ‘Северен поток 2’“, рече менаџерот на „Северен поток 2“ во Данска, Самира Кифер Андерсон, во соопштение.

Таа рече дека подготвителната работа и поставувањето цевки ќе започнат во наредните недели, но не е јасно колку време ќе треба за да се заврши делот.

Данската агенција за енергетика во изјавата соопшти дека му дала дозвола на „Северен поток 2“ да го изгради делот од 147 километри југоисточно од данскиот остров Борнхолм во Балтичкото Море.

Од Украина стигна остра реакција. Одлуката на Данска да го одобри гасоводот „Северен поток 2“ ја зајакнува Русија и ја ослабува Европа, рече вчера украинскиот претседател Володимир Зеленски. (Ројтерс)