Отпуштањата во американските технолошки гиганти ги остави странците без работа, но и без виза
Американските интернет гиганти отпуштаат илјадници луѓе. Многу од нив ја губат и американската виза. Ова првенствено влијае на ИТ професионалците од Азија.
По две и пол години дојде крајот за Сујатаја Кришнасвами во Твитер. Таа се пожали на отказот на Линкдин. Таа додаде дека ја сака својата работа и колегите и дека е горда на тоа што го работи. „За жал, работодавачот не возврати на таа љубов“.
Мета (Фејсбук), Твитер, Циско, Лифт – Американските интернет гиганти масовно кратат работни места. Според датотеката layoffs.fyi, американските ИТ компании само во ноември отпуштиле околу 46.000 луѓе.
Странските државјани, од кои повеќето имаат визи Х-1Б, се посилно погодени од отказите. Визата овозможува промена на работодавачот, но некој може да остане без работа најмногу 60 дена. Доколку не се снајде во тој период, лицето мора да ги напушти САД.
„Никогаш не сум доживеал ваков бран на отпуштања“, вели Махир Насир, адвокат од Њујорк кој се занимава со трудовото право. Тој вели дека во последните недели многу поранешни вработени во Мета, Твитер и Амазон го контактирале. Особено многу од нив доаѓаат од Индија или други азиски земји“.
Во американскиот ИТ сектор има многу Азијци бидејќи нема доволно локални експерти. Впрочем, визата Х-1Б се издава само кога работодавачот ќе докаже дека на домашниот пазар на труд нема невработени професионалци од ист профил.
И Сујата Кришнасвами можеше да се потпре на гладта на американскиот ИТ сектор за работна сила со години. По неколку години во производителот на компјутери „Дел“ и краток престој во консултантската фирма „ПвЦ“ (PwC), таа се пресели во Твитер во мај 2020 година.
„Работев деноноќно за да развијам важни функции за заштита на податоците за корисниците“, пишува таа. Дури и бремена, додава таа, „се борев со тело и душа за Твитер да го исполни ветувањето за безбедност и заштита на податоците“. Отказот на почетокот на ноември ја фати невнимателна и ја остави во шок. „Тоа што имам виза Х-1Б само ја влошува ситуацијата“.
По правило, луѓето со оваа виза можат да работат во САД најмногу шест години. Во овој период тие аплицираат за зелен картон преку нивниот работодавец. Но, кога ќе останат без работа, ја губат и шансата да го добијат тој фамозен зелен картон, односно дозвола за престој и по шест години.
Визата Х-1Б овозможува купување на недвижен имот во САД. „Многу вработени со оваа виза остануваат во САД со години. Многумина веќе пуштија корени“, вели Џулија Гелат, аналитичар во Институтот за миграциска политика.
Пријателствата, социјалните активности и децата кои одат на училиште во САД – сето тоа е доведено во прашање поради губењето на работата. „Да се знае дека во рок од 60 дена треба да најдеш нова работа или да ја напуштиш земјата е многу стресно“, вели Гелат.
Додуша, некои компании се обидуваат да го продолжат тој период од 60 дена. Платформата за возење, Lyft, ги држи луѓето на платен список неколку недели подолго, иако тие не работат. Амазон прво им дава можност на луѓето во компанијата за 60 дена да најдат друга работа, пред да бидат отпуштени.
Друга опција е да аплицирате за виза за посетители, која важи 180 дена. Во овој период човек не смее да работи во САД, но може да бара работа. Но, особено Индијците имаат мали шанси брзо да добијат таква виза.
Затоа што во американските конзулати во Индија има огромна гужва. На пример, некој што сака да аплицира за американска виза во Њу Делхи треба да чека во просек 984 дена за да закаже состанок во конзулатот. Ако се пријави сега, на ред ќе биде во август 2025 година.
Но, во Индија многумина се радуваат на бранот отпуштања во Америка, бидејќи се надеваат на враќање на експертите во домашните компании. Како што пишува Харш Џаин, извршен директор на индиската софтверска фирма „Дрим спортс“, повратниците можат да помогнат „да го искористат огромниот потенцијал за раст на Индија во деценијата што следи“. (Дојче веле, СЕЕбиз)