Отпадот кај Ѓорче е сериозна закана по здравјето – токсикологот Чибишев со стручен став

При редовна обиколка од страна на Државниот инспекторат за животна средина на територијата на Општина Ѓорче Петров, на 10 октомври лоцирано е одлагање на згура од преработка на акумулаторски батерии на во близина на селото Орман. Станува збор за опасен отпад во количина од околу 500 до 600 тони.
По оваа вест се огласи и познатиот доктор токсиколог Андон Чибишев.
Тој вели дека, бидејќи се работи за отпад кој е продукт од преработка на акумулатори кои содржат тешки метали како олово, кадмиум, и жива кои на краток и долг рок, можат сериозно да ја загадат животната средина заради загадување на почвата и подземните води. Преку нив можат да стигнат во земјоделските производи кои граѓаните секојдневно ги користат за исхрана.
– Инаку, оловото спаѓа во групата на тешки метали и внесен во човечкиот организам има исклучителен афинитет кон еритроцитите и коскената срж и во нив може да се задржи од 45 дена во крвта до 30 години во коскената срж. Хроничната експозиција на олово и неговите соединенија доведува до тешки пореметување во создавањето на крвни клетки, сериозни пореметувања на работата на бубрезите, комплицирани испади во централниот и периферниот нервен систем. Овие неповолни ефекти на оловото и неговите соединенија особено се опасни кога на нив се изложени деца и млади до 20 годишна возраст. Ова веќе станува многу сериозно и загрижувачки, вели д-р Чибишев во својата фејсбук објава и ги повикува институциите под итно да утврдат кој ги труе граѓаните и да преземат мерки за обезбедување на загаденото подрачје.
Инаку, при редовна обиколка од страна на Државниот инспекторат за животна средина на територијата на Општина Ѓорче Петров, на 10 октомври лоцирано е одлагање на згура од преработка на акумулаторски батерии на во близина на селото Орман. Станува збор за опасен отпад во количина од околу 500 до 600 тони.
„Според затекнатата состојба на теренот, а според Листата на видови на отпад (Сл.Весник на РМ бр.100/2005) се работи за отпад со шифра 10 04 – Отпад од пирометалургија на олово,10 04 01*- троски од примарно и секундарно производство, која според класификацијата спаѓа во класата на опасен отпад“, информираат од Државниот инспекторат.
Сопствениците на катастарската парцела на која се наоѓа отпадот со решение од Државниот инспекторат се задолжени да извршат неговата дислокација во рок од 30 дена од издавање на решението.
Граѓаните на социјалните мрежи бараат одговорност и одговор од каде доаѓа отпадот и кој е виновникот за неговото одложување токму на оваа локација која е во непосредна близина на реката Лепенец и населените места Волково и Орман.