Откриено е зошто Федерер не тренирал со Ѓоковиќ и Надал


Роџер Федерер, еден од најголемите тенисери во историјата, имал посебна стратегија кога станувало збор за неговите најголеми ривали, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал, тој ретко тренирал со нив. Оваа долгогодишна тајна ја откри Енди Мареј во неодамнешното интервју за YouTube каналот „Стефен Хендрис Кју Типс“.

Мареј објасни како швајцарскиот маестро избегнувал заеднички тренинзи со другите членови на таканаречената „Голема четворка“ затоа што ги гледал исклучиво како конкуренција.

„Трениравме заедно, тренирав со Ѓоковиќ и Надал. Кога штотуку почнував, тренирав и со Федерер. Но, по една или две години, тој престана, повеќе не сакаше да тренира со мене. Никогаш не тренираше ниту со Ѓоковиќ ниту со Надал, мислам затоа што ги сметаше за конкуренти“, рече Мареј.

Различна стратегија
Додека некои современи тенисери, како што се Карлос Алкараз и Јаник Синер, се познати по својата подготвеност да тренираат со ривалите за да ја подобрат својата игра, Федерер има поинаков пристап. Иако стратегијата му донесе исклучителни резултати, во меѓусебните натпревари имаше негативен коефициент против Ѓоковиќ (23-27) и Надал (16-24).

Единствениот член на „Големата четворка“ против кого имаше позитивен коефициент беше Мареј, кој ги користеше ваквите тренинзи за да ја процени сопствената форма. „Ми се допаѓаше да тренирам со нив затоа што тогаш можев да видам каде сум. Неколку дена пред голем натпревар не го правев тоа, но неколку недели пред Гренд слем тренирав со овие момци“, објасни тој.

Без дружење надвор од теренот
Мареј додаде и дека за време на неговата играчка кариера немало простор за пријателски собири и вечери со ривалите, но сега, на 38 години, тој гледа на тоа поинаку.

„Никогаш не сум вечерал со нив. Би сакал сега, би сакал да ги видам неколку пати во друштво. Низ целата моја кариера не можев да разговарам со нив за моите проблеми бидејќи би можеле да го искористат тоа против мене. Општо земено, кога си опкружен со пријатели и семејство, сакаш да можеш да кажеш дали имаш проблем. Но, ако се натпреваруваш против некого, не би го направил тоа“, заклучи Мареј.