Откриена е тајна база во која Русите произведуваат дронови со иранска технологија


Русија произведува 6.000 дронови во тајна база со помош на иранска технологија.
Според објавените документи, Русија развива илјадници беспилотни јуришни авиони по моделот на иранскиот „Шахид“.

Инженерите во објектот „Алабуга“ во Татарстан, на околу 800 километри источно од Москва, планираат да произведат околу 6.000 од надградените дронови до 2025 година, објави Вашингтон пост.

Иако производството е одложено, експертите веруваат дека тоа би можело да значи дека стотици дронови „Шахид“ сепак ќе бидат насочени кон цели во Украина.

Документите покажуваат дека вработените, од кои на некои им биле одземени пасошите за да ги спречат да ја напуштат државата, користат кодни имиња за да работат на проектот.

Дроновите се нарекуваат „чамци“, експлозивите се „браници“, додека Иран наизменично е „Ирска“ или „Белорусија“.

Програмата беше строго чувана државна тајна и покрај тоа што се одвиваше во објект со големина од 14 фудбалски игралишта, а кој допрва треба да се прошири.

Проектот има три фази, од кои првата започна со реставрација на демонтираните дронови од Иран. Моментално се во втората фаза, Русите сами ја произведуваат конструкцијата на дроновите, но ги опремуваат со иранска електроника, пишува Вашингтон пост.

На почетокот на следната година, објектот ќе започне со целосно производство на беспилотни летала со користење на руски материјали и компоненти. Русија ги нарече своите беспилотни летала „Геран-2“.

Инженерите на „Алабуга“ очигледно ги надградиле увезените дронови, правејќи ги водоотпорни и заменувајќи ги несигурните кинески компоненти.

Дејвид Олбрајт, поранешен инспектор за оружје на ОН, верува дека Русија може да се префрли од повремени лансирања на увезени „Шахид“ на поредовни напади со стотици од нив до следната година.